Скорсезе: „Ве молам, не го гледајте Ајришмен на телефон“

Пет дена откако неговиот најнов филм почна да се прикажува на Нетфликс, славниот режисер замоли филмот да се гледа на што е можно поголем екран. Како на пример...во кино?

„Ирецот“, гангстерски филм со Роберт Де Ниро, Ал Пачино и Џо Пеши на 1 ноември почна да се прикажува во ограничен број кино сали во САД, а потоа, на 27 ноември дебитираше на Нетфликс. И дури и кога е во прашање Скорсезе, и ѕвездена екипа како наведената, на публиката не може да ѝ се угоди. Де зошто траел 3,5 часа, де можело да се штриха (со „експертски“ проценки за тоа точно каде), па зошто женските ликови биле маргинализирани, де сите биле зрели за пензија...

Адаптиран од книгата на Чарлс Бранд, „Слушнав кречиш по куќи“ (I Heard You Paint Houses), и со помош на дигиталната технологија на подмладување, „Ирецот“ покрива шест децении американски криминал и политика преку житието на Френк Ширан (де Ниро), ветеран од Втората светска војна, кој станува платен убиец за италијанската мафија и десна рака на Џими Хофа (Ал Пачино).

Скорсезе во интервју за Ентертејмент викли изјави дека никогаш не размислувал наместо три и пол часовен филм да направи мини-серија, затоа што целта на овој негов филм е „акумулација на детали“. Оттаму негова препорака е да се изгледа на едно седење, и никако на мал екран.

„Ако некогаш сакате да гледате некои од моите филмови, или кој и да е филм, ве молам, ве молам не го гледајте на телефон. Ајпад, голем ајпад, можеби“, изјави тој во интервју со Питер Траверс од Ролинг стоун.

Додуша, самиот има направено реклама за Ајфон 4с во 2012. Ама па никаде не вика дека на него треба да се гледаат филмови.

2 декември 2019 - 19:10