Што значи англискиот израз „студено рамо“?

Додека во македонскиот за игнорирање или изневерување на нечии очекувања се користи идиомот „му сврте грб“, во англискиот е доволно и едно рамо. Но битно е да е студено.

Изразот "give the cold shoulder" (некому да му покажеш студено рамо, односно да покажеш индиферентност или презир) му се припишува на сер Валтер Скот (славниот шкотски автор на „Ајванхо“) кој го користи во неговиот роман „Антикварот“ од 1816 година. Во него извесна грофица, не бендисувајќи некој од нејзините бројни удварачи, нему му покажува „студено рамо“.

Неколку години по печатењето на книгата изразот почнал да се појавува во романи на Такери и Дикенс, и е еден од оние кои наскоро се цитирале како британски фолклорен „бисер“, без да се знае точниот извор на изразот. На посетителите на родното место на Шекспир на Стратфорд на Ејвон водичите (со кои имавме можност да се запознаеме едно дамнешно лето, 199..и некоја), тврдат дека се работи за таков „етно“ израз од времето на бардот, кога буквалното сервирање на студено месо од рамо на некое животно на гостин значело дека тој или таа претерале со престојот и е време да си одат (нешто ко наша „сиктер торта“). Но лингвистите тврдат дека изразот нема никаква врска со некакво месо и обичај врзан со него, туку единствено со спомнатиот Скот.

Во психологијата тој се користи во контекст на феноменот на „тивок бојкот“, одбивање вербално да се комуницира со партнер, пријател или роднина, како вид пасивно-агресивна форма на изразување незадоволство. И покрај тоа што изгледа дека тука не постои комуникација, тишината зборува прилично гласно и може да претставува обид за контрола, или отворено малтретирање на другиот/другите без употреба на физичко насилство. Оттаму, долготрајното покажување „студено рамо“ на некој близок може да се толкува и како намера за повредување или казнување, без да се наведат причините за истото.

Валтер Скот е автор и на уште една често користена фраза - Lock, stock and barrel - делови од пушка (мускета), со значење „топтан“ или „сè’“, израз кој стана особено популарен вон Британија преку насловот на истоимениот филм од 1998 на Гај Ричи (само не ни текнува како беше преведен кај нас).

И не дека Адел би се нашла на некоја музичка листа на Букбокс, ама Валентајн е, а и песната се вика „Студено рамо“. Иако слободно можеше да биде и онаа на Тоше „фрли поглед преку рамо ако одиш“.

Се зезаме, Кеш е.

14 февруари 2017 - 17:28