Што (не) чита Трамп?

Човекот, за разлика од неговиот претходник, не е по книгите. Но сепак многу чита. За своја душа.

Некој избројал дека во текот на мандатот на Обама, сега веќе бившиот претседател имал препорачано 79 книги од различни жанрови и за различни возрасти. Дали навистина ги прочитал сите и не е најважно - толкав мерак за промоција на внимателно одбрани книги мора нешто да кажува за неговата љубов кон читањето.

За разлика од него, кога во досегашните интервјуа беше прашуван за омилената книга, Трамп или ја посочуваше сопствената, „Уметноста на договорот“ или, заради необјаснети причини, Ремарковата „На запад ништо ново“, веројатно последната лектира на која се сеќава од средно. Новинарите кои сакаа да се потсмеваат со неговата неначитаност намерно го провоцираа со прашања околу тоа што последно читал, на што тој без многу интелектуално снебивање одговараше: „Читам пасуси, поглавја, немам време за цела книга“.

Можеби следејќи ги правилата за однесување на соработниците на неговиот омилен Черчил (за кои пишувавме тука), чија статуа ја повлече од кај Обама дома и си ја стави во канцеларија уште првиот ден, и Трамп бара кратки извештаи („на една А-четири“) со пар точки и исти такви брифинзи. Но слабост му се специфични весници, кои мора да му се носат на хартија. Детално ги чита Њујорк Тајмс и Њујорк пост, „дијагонално“ го прелистува Вол Стрит Џурнал. Не го сака Вашингтон пост, иако сега веројатно ќе мора да го додаде на списокот.

Она што сепак најмногу го интересира е како овие весници и воопшто медиумите го портретираат него лично, и е познат по тоа што точно го знае начинот на кој го третирал одреден новинар во неговите текстови, па дури и ако тоа било пред 20 години. Ги чита весниците со маркер во рака, го потцртува тоа што му е важно, а ако сака нешто да се направи во врска со текстот пишува белешка на маргините, и дава текстот да се скенира во пе-де-еф и да му се прати на одговорниот. Прилично старомоден метод со оглед на целата технологија која му стои на располагање.

Иако познат по неговите твитови, тој никогаш самиот не ги постира туку им ги диктира на асистентите. Се уште верува дека живее во златното време на њујоршките таболиди и се пали на телевизиски емисии од типот на „60 минути“, посебно ако гостин е самиот тој и целото негово семејство. Неговиот тим се надева дека сега ќе има толку малку време што малку ќе олабави со медиумскиот его-трип. А можеби, барем за имиџ, ќе прочита и некоја книга.

24 јануари 2017 - 15:53