Што е заедничко за сите луѓе? Тоа што раскажуваме приказни

„Еднаш одамна, сонцето и месечината се карале кој ќе го осветлува небото. Откако излегло дека се подеднакво моќни, одлучиле да светат на смени - сонцето преку ден, месечината ноќе“.

Ова е една од голем број приказни кои се раскажуваат од страна на племето Агта или Аета), ловци и собирачи од Филипините, кои живеат на изолираниот остров Лузон. Но би можела да биде раскажана и од која и да е друга култура во светот, во чии приказни доминираат теми за соработка и еднаквост.

Раскажувањето е универзална човечка карактеристика. Се јавува спонтано, во детството, и постои во сите досега проучувани култури. Таа е исто така древна - се претпоставува дека корените на некои приказни се стари дури 6000 години.

Андреа Миглиано, антрополог од Универзитетскиот колеџ во Лондон во текст за Атлантик вели дека раскажувањето е значаен механизам на човечка адаптација - нејзиниот тим потврдил и претходно познати наоди дека приказните и самиот чин на нивното раскажување е стратегија за зацврстување на социјалните врски и промоција на етика на соработка помеѓу членовите на спомнатото племе.

Всушност, нејзиното истражување не започнало заради самото раскажување. Таа сакала да дознае кои квалитети ги ценат припадниците на Агта помеѓу своите врсници, кои се номади и често ги менуваат живеалиштата. Нејзините студенти интервјуирале 300 од нив и ги замолиле да именуваат пет личности со кои најмногу би сакале да живеат, да ги номинираат најсилните луѓе кои ги познаваат, како и оние чии мислења и знаења најмногу ги ценат. На крај замолиле да ги именуваат најдобрите раскажувачи. Ова последново според истражувачите било релативно неважно, а прашањето го поставиле како можен интересен контраст во споредба со другите вештини.

Но резултатите биле изненадувачки. Излегло дека Агта го вреднуваат раскажувањето над сето останато. Добрите раскажувачи двојно почесто биле номинирани како идеални пријатели, а вештината на раскажување била вреднувана многу повеќе од останатите вештини. Дури и два пати повеќе од тоа да бидеш добар ловец.

Овој наод бил инспирација да се прегледа ризницата на собрани приказни, легенди и преданија од овој народ, по што се утврдило дека поголемиот дел од нивната содржина има врска со соработка, егалитаријанизам и родова еднаквост. Мажот-сонце и жената-месечина подеднакво го осветлуваат небото. Едно прасе му помага на повредениот пријател - морска крава - да се врати во океанот за да можат да се тркаат кој е побрз во пливање. Една мравка со крилја учи дека не е над нејзините бескрилести сестри.

Ваквите приказни не се специфични за Агта, тие претставуваат околу 70% од приказните кои Миглиано ги собрала од други ловечко-собирачки групи. Она што за поголемите заедници е религијата и стравот од казна за лошо поведение, кај помалите, како Агта, се приказните, кои служат како дидактички и педагошки помагала.

Следниот експеримент вклучувал едноставна игра, во која Агта волонтери требало да споделат ориз со оние од истиот камп. Резултатот покажал дека споделувањето било пообемно во кампови со повисок процент на добри раскажувачи. Ова последново може да е причина за подобрата соработка, но можеби е и последица, затоа што во групи ко подобро соработуваат има и повеќе време за забава и раскажување околу огнот. Но најверојатно е двете истовремено.

Добрите раскажувачи помеѓу Агта не се само попожелни пријатели, туку и партнери. Во просек, тие имаат 0.5 повеќе деца од нивните врсници. Ова ја потврдува хипотезата за адаптивната функција на раскажувањето, бидејќи еволуцијата примарно не функционира за доброто на групата, туку на поединците кои се добри во нешто. Во случајов во склопувањето добра приказна, што ги прави попожелни сексуални партнери.