Звукот продава

Што е тоа „сонично брендирање“?

„Соничен бум: како звукот го менува начинот на кој мислиме, чувствуваме и купуваме" е нова книга на автор кој смета дека живееме во златното доба на звукот, и дека на композиторите им стојат на располагање неверојатни можности да го одредат тонот на човечките искуства.

Џоел Бекерман е композитор кој специјализира во нешто што се вика „сонично брендирање". Тоа не се само џинглови, туку аудио „јадици", кои се најкарактеристични за рекламите. Големите брендови имаат и своја „сонична стратегија" која Бекерман ја дефинира како детален нацрт-план за сите аудио аспекти на нивниот идентитет, од тоа како звучи нивниот ентериер, какви звуци прават нивните производи, и каква музика треба да користат нивните реклами. Во интервју за NPR тој зборува и за новата книга, за тоа што значи „звучен пејсаж" и како некои производители го менуваат така за да ви продадат и приказна, и производ.

За звучниот пејсаж

Затворете ги очите и само слушајте. Можете да ги идентификувате звуците во позадината, на површината, во средината. Така почнувате да го запознавате звучниот пејсаж на вашиот живот и сето она што е околу вас во одреден момент.

Како ресторанот Chili's прави да сакате да изедете повеќе?

Замислете дека при секој влез на келнерот од кујната со полн послужавник се слуша силен звук на отварање на вратата. Тој звук станува дел од приказната, особено кога нестрпливо ја чекате вашата порција. Има многу други ресторани кои прават фахити. Но она што го направи Чилис е што ја усоврши драмата, од нарачката направи театар. Звукот создава чувство на очекување и изненадување, затоа што слухот е најбрзото човечко сетило. Прво слушате, потоа гледате, а дури на крајот мирисате. Кога сите овие сетила се комбинираат се случува нешто магично.

Како живееме во свет презаситен од звуци

Повеќето звуци не ви вршат работа. Тие се наметливи, нервираат. Затоа, во мојата работа, прво што се прави е да избрише сиот звук. Почнуваме со празна табла, а потоа на неа додаваме звуци кои ви користат, а не ве вознемируваат. Причината зошто ја напишав оваа книга е затоа што сакам да започнам движење кое ќе се труди звуците во нашите животи да го збогатуваат нашето искуство. Истовремено, сакам да им се извинам на читателите, бидејќи откако еднаш ќе почнат да стануваат свесни за нив, тие нема веќе да можат да ги игнорираат. Но добрата вест е дека ако сме свесни дека нешто нè нервира можеме да реагираме, запирајќи го звукот (кој и претходно нè нервирал ама можеби не сме биле знаеле) или ставајќи си на ушите слушалки и бирајќи го звукот кој ни одговара, наместо оној кој ни се наметнува. Така, стануваме куратори на сопственото звучно искуство, а не негови пасивни жртви.

22 октомври 2014 - 15:38