Апологија на комуникациски неприлагодените

Што е тоа „дркаџија“?

Не, тука не се работи за анализа на нечии сексуални навики, туку за „проклетства од луѓе кои само одат и серат“. Откако го прочитавме текстов по малку се вознемиривме од бројот на таквите кои ги познаваме. Од друга страна, некако нè утеши тоа што тој тврди дека дури и за нив има надеж.

Пакосната карактерологија на мажите уште од најстари времиња ја познава оваа категорија. Нашиот пријател Зограф минатата недела даде една илустрација. Дркаџија е човек со карактер тежок до неподносливост, во принцип мрзоволен, понекогаш кавгаџиски настроен (Босанците велат "терс", исто како и Македонците - заб.прев. - терсене), секако ситничав; на сè има забелешка; на туѓата среќа не се радува, затоа што тој самиот не е никогаш среќен (и ако е, што понекогаш мора да биде, тоа добро го крие). Американците тоа го викаат jerk; во потежок случај insufferable jerk; секој јазик има свој збор за таквите. Русите прават фина нијанса помеѓу „будала" и „несолена будала", при што последниот може слободно да се вброи во дркаџии.

Дркаџијата има кисела фаца и ништо не му е по волја. На девојката во која се заљубил веднаш ѝ наоѓа разни маани, иако радо би ја зграпчил, но не се осудува. Грозјето му е секогаш кисело. Ситничав е до ирелевантност; всушност, најрадo се бави со неважни работи. Со неприлична радост критикува сè. Молам: знаев еден дркаџија коj кога одеше на гости имаше крајно неумесни забелешки на инаку одличното готвење на домаќинот. Еден ден ја праша другарка ми Оливера дали тој грав го сварила од нејзините гаќи, а таа го исфрли од дома, како што и прилега. После мажот на Оља ми објаснуваше дека тој лик и не е толку лош, треба само добро да го запознаеш. Го запознав подоцна, но тогаш веќе беше излечен дркаџија и - за чудо - сосема пристоен и духовит.

Дркаџиите - по нивната природа - навлекуваат на себе разни неволји. Доволна е комбинацијата на фацата и прекубројните зборови. Еден така на таа основа доби нож во бубрези, и после се чудеше; друг се чудеше зошто во полниот воз милицаецот го легитимира токму него. На обајцата им препорачав да се погледнат во огледало и да си ја затворат устата. Таквите често си добиваат незаслужено тепање по кафани и на улица, сè заради дркаџиската кисела фаца.

Со радост се шалат на сметка на други, често без смисол за хумор, па и тоа има врска со погорните констатации околу тепањето; никако не сакаат некој да се шали на нивна сметка, што повторно зборува за смислата за хумор, односно за недостатокот од истиот. Кога ќе дојдат до некоја моќ - политичка, финансиска или медиумско-чаршиска - на најдобар пат се да станат неподносливи дркаџии. Суетниот дркаџија е проклетство кое оди и сере. Има еден кого нема да го именувам - кој од сопственото дркаџиство направи прилично добра кариера. Можеше кариера да направи и од талент, памет и од други легитимни предности кои ги има во изобилие, но - што му вреди кога е прво дркаџија па дури тогаш брз, интелигентен, талентиран и способен човек. Жива штета.

Дркаџиите, како што гледаме, не се нужно глупи. Тоа понапред би билa некој вид „социометријска предизвиканост", како што тоа би се нарекло политички коректно денес. Психолозите велат дека тука повеќе станува збор за „комуникациска неприлагоденост", речиси, но не сосема, „асоцијално" однесување; во секој случај, проблемот би бил на планот на меѓучовечкото разбирање. Бидејќи се работи за карактерен, а не за психопатски проблем, психологијата и психијатријата не се занимаваат со ова. Судската медицина ретко, затоа што дркаџиите - неподносливи какви што се - не прават често кривични дела преку кои таквата нивна особина би можела да се објасни. Почесто тие се жртвите, па паметен адвокат на одбраната таа карактерна црта би им ја зел како олеснувачка околност. Никој никогаш не се занимава со природата на дркаџијата, која и го довела во неволја.

Тоа е штета, затоа што има и многу симпатични дркаџии - всушност. Не тврдам дека треба да ги сожалуваме, но секако не треба да ги презираме, то ест, сè додека не се баш неподносливи. Малку трпение и смисол за хумор ќе го припитомат обичниот дркаџија. Паметната и духовита жена може дури и да го излечи (знам такви случаи). Некои паметни и духовити жени заклучуваат дека нивните мажи-дркаџии се всушност интересни и кон таа карактерна црта се однесуваат со трпение и хумор. Таквиот дркаџија со време се припитомува и станува поднослив. Ако притоа има и смисол за хумор на сопствена сметка (а каков би бил инаку смисолот за хумор?), тој станува интересно друштво: сè помалку гњави, сè повеќе со насмевка признава дека е дркаџија - па што тогаш? Таквиот е веќе на пат на излекување, иако тоа всушност и веќе не е важно: тој станал од асоцијална, општествена појава, компатибилен (како што велиме) во човечката комуникација. Барем со луѓето кои го познаваат; за другите, особено за дркаџиите, не гарантирам.

Значи размислете, пред од себе да отфрлите некој дркаџија за кој има надеж.

автор: Милош Васиќ (Време)

6 јуни 2013 - 16:27