Ако ги слушаш, можеби и ќе ги сакаш

Шест правила за слушање други луѓе

Советите за тоа како и зошто воопшто некој би слушал што има да каже некој друг се од познатиот психолог Ерих Фром. И тоа е доволен аргумент зошто би го слушале.

Фром, најпознат по неговиот бестселер од 1956, „Уметноста на љубовта“, се смета за авторитет за меѓучовечките односи. Во поширока смисла, тие се обработени во друго дело, „Уметноста на слушањето“, објавено постхумно, како адаптирано предавање од семинар што тој го држел во Швајцарија во 1974.

Во книгата Фром се противи на опишувањето на слушањето како „техника“, бидејќи според него тој збор подразбира нешто механичко, неживо, додека соодветниот збор, кој асоцира на активно учество во процесот е „уметност“. Така и психоанализата, која е процес на разбирањето на човечкиот ум, е уметност, како што е уметност разбирањето на поезијата.

Тој во оваа смисла нуди шест правила:

1. Основното правило за практикување на оваа уметност е комплетна концентрација на слушателот
2. Слушателот не смее да мисли на ништо друго во моментот, плус треба да биде оптимално слободен од вознемиреност и од алчност.
3. Мора да поседува слободна имагинација која е сепак доволно конкретна за да биде изразена со зборови
4. Тој мора да е надарен со капацитет за емпатија со друга личност и доволно силен за да го почувствува искуството на другиот како да е негово
5. Способноста за ваква емпатија е суштински услов за капацитетот за љубов. Да го разбереш другиот значи да го сакаш - не во еротска смисла, туку во смисла на приближување кон него и надминување на стравот од тоа да се загубиш себеси
6. Разбирањето и сакањето се неодвоиви. Ако можат да се одвојат, тогаш тоа е рационализиран процес и тогаш вратата за суштинско разбирање останува затворена.

Правилата на Фром не зависат од историска епоха или од културата - разбирањето на туѓиот ум како свој бил и се уште е услов за опстанок на човештвото. Услов на кој често не само што се заборава, туку и против кого се работи, здушно и активно.

Извор: Оpen Culture

11 мај 2018 - 15:56