Квака 22

Културна изолација: како да НЕ нарачуваш книги и плочи во Македонија

Оние кои го поминале процесот опишан во статијава ќе знаат точно за што станува збор. Оние кои не го поминале - не очајувајте. Има решение и за оние кои сакаат да работат на себе читајќи или слушајќи музика. 

Приказната оди отприлика вака:

Нарачуваш плоча (двоен албум) за подарок од Амазон.

Со поштарина таа чини 56 евра.

Необично брзо, ти стига мејл од видот „чаршаф“ од локална експозитура на брза пошта, во која преку комбинација на цитирани закони, булет поинтс со опции кои стојат на располагање, болдирани реченици, и такви од непознати причини обоени црвено, ти е објаснета постапката за увозната процедура и плаќањето на ДДВ и царинските давачки. По спроведувањето на истата плочата може експресно да ти биде доставена до дома.

Математиката за тоа да се случи е следна:

56 евра плочите (со поштарина)
16 евра увозни давачки (ДДВ и царина)
25 евра услуга на брзата пошта (сума што те спасува од пополнување формулари, уплати и одење во Царинска испостава на аеродромот Петровец, попозната како ЦИ Аеродром 1050).

Вкупно: 97 евра, или скоро двојно од оригиналната нарачка

И сето ова не би било толку скандалозно доколку си го знаел сето ова кога си нарачувал. Но ти НЕ си барал брза, туку стандардна достава, а од Амазон самоиницијативно решиле да те апгрејдуваат, односно да ти направат услуга. Нема врска што и претходно си доаѓал во ваква ситуација и си ги молел АМАН ЗАМАН НЕ МЕ ЧАСТЕТЕ ПРАЈОРИТИ ШИПИНГ, ТРЕБА ДА ПЛАЌАМ. Љубезниот Reayansh од поддршка на корисници никако не може да разбере зошто си толку лут, и што побогу згрешиле. You should not have to pay a cent more - вели, додека се прашуваш дали да го одбиеш пакетот, да се појавиш на роденден со празни раце или да ја голтнеш (пак) горчливата пилула и да платиш двојно од она што треба.

А треба заради една законска одредба која вели дека „Стока испратена од странство од правно лице во помали пратки која ја прима физичко лице е ослободена од плаќање увозни давачки и ДДВ под услов вкупната вредност на пратката да не надминува 22 евра, со вклучени транспортни и манипулативни трошоци.“

22 евра!

Секој кој се обидел да купи книга или плоча преку интернет знае дека освен за книги од втора рака ова е неверојатно ниска сума, особено ако се купуваат по неколку книги одеднаш. За плочи и да не зборуваме. 

НО, дури и да решите дека 10-те книги кои сакате да ги купите ќе ги нарачувате една по една за да не биде надмината магичната сума, тоа не е гаранција дека нема да наидете на друг вид скриен трошок - таканаречен царински преглед. Велиме „таканаречен“ затоа што пакетите (пак главно од Амазон) физички ги добивате нечепнати, значи немало никаков „преглед“, туку просто случајно ви се паднало да бидете среќникот кому за непостоечка услуга му наплаќаат околу 250 денари, за нешто што би требало да е во рамки на работно време на оној кој прегледува и што му спаѓа во работна обврска. ОСВЕН ако има нешто што не знаеме, на пример ако од секој ваков „прегледан“ пакет не следува некаков процент по учинок. Истовремено подготвени сме да се обложиме дека во пакети на кои со големи букви пишува КНИГА и е испратена од некои од големите онлајн продавачи, со целосна декларација за која фирмата гарантира, никогаш не било најдено нешто друго, на пример хемиско оружје, запаливи материи или алкохол. Кога му упативме вакво прашање на поштенскиот работник во одделот за пакети („Добро, колку пати се случило во пакетот да наидете на нешто што не е наведено во декларацијата?“), неговиот коментар беше: „Не се занесувај многу-многу, си ја знаеме ние работата“.

И тоа е што се однесува до увозната и царинска процедура. Кога пак станува збор за ДДВ-то (5% за книги, 18% за плочи), како на не-економисти никако не ни е јасно зошто некој во неговото пресметување би ја земал предвид и поштарината, кога таа е еднаш платена (во странство), и која вредност е „додадена“ во Македонија од потрошеното гориво за летање, во случајов над Германија? Зошто тогаш не се наплаќа ДДВ на каква и да е поштенска пратка од странство, па макар и на обична разгледница?

Истражувајќи што сè подлежи на ДДВ во земјава, наидовме на интересен текст за новата мерка за поврат од 15% под наслов „Дознајте кои сметки џабе ги скенирате“. Излегува дека списокот на даночни обврзници кои не се регистрирани за ДДВ е прилично голем, и содржи и некои изненадувања. На пример, дали знаете дека игрите на среќа и забавните игри не подлежат на ДДВ? Да, добивките се оданочуваат, но во цената на лозовите, ливчињата за спортска или кое и да е друго обложување или играње на среќа не е пресметан ДДВ, што директно влијае на цената, и индиректно на поголемата потрошувачка. Некој веројатно проценил дека така повеќе се исплаќа - повеќе луѓе да загазуваат во коцка (пардон, обложување), така статистички и повеќе од нив да добиваат, по што нивната добивка ќе биде оданочена со 15%. Бидејќи работата со книги очигледно не е толку вносна, некој решил и оние малкумина кои се бават со работа на себе и стекнување знаења, и кои очајно се обидуваат да се изолираат од надворешниот свет, ако ништо друго барем повремено пуштајќи си музика, да ги казни (одере, опљачка, изнервира) така за веќе никогаш да не им текне да го повторат делото.

Така ламентирајќи, сепак наидовме на нешто што нè озари и ни даде кураж. ДДВ не се плаќа и за услуги на погребални институции и крематориуми. Значи ако не може да се чита и да се слуша музика, не мора да се пакуваат куферите за некаде каде што тоа би било поедноставна, и пред сè нормална активност. Тука барем не е скапо да се - умира.

16 август 2019 - 13:42