Рупи Каур или најславната поетеса на Инстаграм

Нејзините стихови за љубовта, сексуалноста, но и расизмот и злоупотребата, објавувани на Инстаграм од неа направија ѕвезда. Неодамна издаде втора збирка, и повторно ја разбранува книжевната „елита“, која не може да се помири со тоа дека некој, само затоа што објавува на социјални мрежи, може да продаде над милион копии од книга со по неколку стихови на страница.

Дел од нова генерација „инстапоети“ - млади автори кои објавуваат главно на социјалните мрежи - Каур пишува афористични песни кои ги илустрира со „вињети“ слични на чкртки правени од досада по школски учебници. Дебитантската збирка, „Млеко и мед“ на оваа канадска авторка со индиско потекло до сега се има продадено во 1.4 милиони примероци, а таа има 1.6 милиони следбеници на Инстаграм (нејзиниот профил тука). Пред неколку денови ѝ излезе новата книга, „Сонцето и нејзините цветови“.

Но како и секоја слава и оваа доаѓа со товар - на секој страсен обожавател доаѓа по најмалку еден исто толку опсесивен критичар, кој тврди дека стиховите на Каур се „гола вода“, дека нејзините читатели едноставно не знаат што е вистинска поезија и дека клаваат лајкови само заради некаков ефект на (поетското) крдо. Еден од примерите кој би требало да ја илустрира површноста е оваа нејзина песна: „Ако не си доволен за самиот себе/никогаш нема да бидеш доволен/за некој друг“, која баш и не е некоја песна а не е ни некоја револуционерна мудра мисла, но сепак има добиено 175.000 лајкови на Инстаграм. Нејзиниот рецепт, кој се повторува како шема кај повеќе вакви поети, според критичарите се сведува на сецкање на кратки исповеди со случајни „ентери“.

Но настрана критиките, Каур е претставник на нов поетски жанр кој ги спојува спонтаноста и искреноста на нешто што изгледа како тинејџерски блог со (посакувана) длабочина на лирската поезија. Има тука и сериозни теми како треманот на жените, особено на не-белите, прослава на модерниот феминизам, глас против злоупотребата и нетолеранцијата од каков и да е вид.

Па сепак нејзината слава и фактот дека заработува многу пари од таков тип пишување кое им се допаѓа на младите жени, ја прави „поп поетеса“ (значи обратно од сериозна), и мета на исмевање. Таа во интервјуа вели дека не очекува некоја висока поетска награда, но дека се труди да еволуира и да зборува и за глобално важни политички теми. Сепак, нејзиниот заштитен знак засега се едноставните стихови за љубовта и за животот, со илустрации со кои голем број нејзини обожавател(к)и ги тетовираат телата.

 

9 октомври 2017 - 08:02