Ричард Фајнман: Писмо до покојната сопруга

Арлин Фајнман починала од туберклоза во јуни 1945, на само 25 години. Година и пол подоцна нејзиниот сопруг ѝ пишува писмо, упатено на непозната адреса. Физичарот - Нобеловец - од кого се очекува да биде студено рационален со оглед на познавањето и на најситните делови од материјата, скршен од болка постхумно ѝ изразува љубов на неговата „жена-идеја“.

Ричард Фајнман, еден од највлијателните физичари на неговата генерација. Во 1940-тите одиграл улога во развојот на атомската бомба; во 1986 бил дел од комисијата која ја испитувала причината за катстрофата со спејс-шатлот Челинџер и ја идентификувал причината за истата; во 1965 тој и двајца негови колеги ја добиле Нобеловата награда „за нивната фундаментална работа на полето на квантната електродинамика, со огромно влијание врз физиката на елементарни честички“. Бил шармантен лик со големи познавања и од други области вон науката.

Во октомври 1946 тој ѝ пишува писмо на неговата сакана жена Арлин, кое не е отворено до неговата сопствена смрт во 1988. Го пренесуваме во целост:

***

17 октомври 1946

Арлин,

Те обожавам, срце мое.

Знам колку сакаш да го слушнеш ова - но не го кажувам само заради тоа - туку затоа што ме топли одвнатре додека го пишувам.

Толку одамна ти се немам јавено, скоро две години, но знам дека ќе ми простиш затоа што знаеш каков сум, тврдоглав и реалистичен; и мислев дека нема смисла да ти пишувам.

Но сега знам, драга моја жено, дека треба да го направам она што долго време го одолговлекувам, што го правев и порано. Сакам да ти кажам дека те сакам. Сакам да те сакам. Секогаш ќе те сакам.

Тешко ми е да разберам во мојот ум што значи да те сакам откако си мртва - но се уште сакам да те тешам и да се грижам за тебе - и сакам и ти да ме сакаш и да се грижиш за мене. Сакам да имам проблеми за да ги дискутирам со тебе - сакам да правиме мали проекти. Никогаш не мислев, сè до сега, дека можеме да го правиме тоа. Почнавме да учиме да правиме облека заедно, да учиме кинески, сакавме да купиме филмски проектор. Може ли сега да направам нешто? Не. Сам сум без тебе, а ти беше „жена-идеја“ и генерален поттикнувач на сите наши диви авантури.

Кога беше болна се секираше затоа што не можеше да ми дадеш нешто што сакаше и што мислеше дека ми е потребно. Не требаше да се грижиш. Ти реков и тогаш дека нема реална потреба, затоа што те сакав на многу начини и толку многу. Сега тоа е уште појасна вистина - сега не можеш да ми дадеш ништо па сепак те сакам толку, што стоиш на патот на моето сакање на кого и да е друг - но сакам да биде така. Ти, мртва, си подобра од кој и да е друг жив.

Знам дека ќе ме убедуваш дека сум луд, дека би сакала да бидам целосно среќен, и дека не сакаш да ми пречиш. Веројатно си изненадена што немам дури ни девојка (освен тебе, срцка) по две години. Но не можеш ништо да сториш, мила, ниту пак јас - не го разбирам тоа, затоа што сретнав голем број девојки и некои од нив беа многу фини, и не сакам да останам сам - но по две или три средби тие стануваа пепел. Ти си ми единствена преостаната. Ти си вистинската.

Драга моја жено, те обожувам.

Си ја сакам жена ми. Жена ми е мртва.

Рич

ПС Извини што не ти го пуштам писмово - ама не ти ја знам новата адреса.

24 октомври 2017 - 15:18