Првиот официјален Мајнкрафт „роман“, кој повеќе личи на прирачник за самопомош

Играта која започна како примитивен аплет во 2009 денес е втората најголема видео игра на сите времиња. Мајкрософт, кој во 2014 плати 2.5 милијарди долари за да ја купи Мајнкрафт од Можанг, вели дека доколку 107-те милиони луѓе кои купиле копија формираат народ, тој би бил 12-тиот најброен на планетата.

Со оглед на ваквата статистика не е изненадувачки што Мајнкрафт се прелева вон светот на гејмерството и формира своја култура. Нејзината популарност и креативност станаа адут и во образованието (за што веќе пишувавме тука). Иако таа иста популарност произведува и екстреми - како извесен Курт Џ. Мак, човекот кој во живо го пренесува својот обид да отиде колку што е можно подалеку во Мајнрафт веќе 6 години, регистрирајќи ги своите патешествија во над 646 видео продолженија. Каналот пак на друг играч под име Стемпи Кет (момче на дваесет и нешто години) од Англија, чиј пискав глас оддекнува од компјутерот на оние чии деца се навлечени на играва, стана еден од првите десет по гледаност на Јутјуг, и од Стемпи направи славна личност. 

Среде сета таа фама околу играта, Можанг сега објавува нешто што го рекламира како „првиот официјален Мајнкрафт роман“. Авторот е Макс Брукс (синот на комичарот Мел), чии досегашни дела главно се занимаваат со феноменот на зомбијата, а неговата претходна книга, World War Z го инспирираше истоимениот филм со Бред Пит. Токму ова „официјален“ во рекламата означува дека постојат и куп „неофицијални“ книги инспирирани од Мајнкраф - извесен Марк Клевертон, на пример, има објавено најмалку девет „Неофицијални Мајнкрафт авантури“.

Новата книга на Брукс се вика „Остров“, и за оние надвор од културата на играта е пишувана според сосема поинакви принципи на она што вообичаено се подразбира под „забава“. Од почеток до крај не е ништо повеќе од опис, во прво лице еднина, на тоа (вау!) како е да се игра Мајнкрафт. Протагонистот - вие - си прави нови оружја, по некој објект, убива куп зомбија и пајаци и продолжува на нова територија. „Јас силен! Јас има оружје“, извикува тој од време на време. „Кога светот се менува, треба да се менуваш со него!“. Ваквите и други слогани кои звучат како излезени од книга за самопомош се сумирани на крајот во список од 36 точки, меѓу кои и „Паниката ја пресушува мислата“, „Не е важен поразот туку како се опоравуваш од него“ и кулминацијата - „Најважното нешто што го изработуваш (craft) си самиот ти“. Токму во ова е и главниот кик на книгата - тоа што во основниот циклус на преживување во играта вметува инспирирачки животни лекции кои би можеле да помогнат во реалниот свет.

Но ако ова е производ пред сè наменет за деца и млади тогаш од книжевно-педагошки аспект она што тие ќе го научат е дека „роман“ е нешто без дијалог, без вистински заплет, само со воајерска опседнатост со тоа некој друг - во случајов лик од книга - да прави нешто (игра), во оние ретки паузи кога тоа не го правите вие, односно вашето дете. Во времето она што би требало (според вас) да го прави, е да чита вистинска лектира, на пример „Робинзон Крусо“, во која еден човек исто така минува низ авантура, само не низ светови направени од коцки.

21 јули 2017 - 10:34