Прва фигура на супер-хероина посветена на библиотекарка

Библиотекарството е потценета професија, и за жал и кај нас, а и во голем дел од светот, се сфаќа како административна услуга на подавање книга од зад пултот и наплаќање казна ако не ја вратиш на време. Но има библиотекари кои се обидуваат да покажат дека во време на висока технологија која полека навлегува и во оваа област, библиотекарот е сепак незаменлив. Сега една од нив доби и супер-херојска фигура.

Висока 10 сантиметри, направена од цврста пластика, фигурата на сино-црвената хероина со плашт е моделирана според ликот на Ненси Прл, библиотекарка од Сиетл.

А има и зошто - нејзиното познавање на книгите и односот кон читателите најпрвин ѝ обезбедиле локална слава и чести настапи на радио, каде препорачувала книги. Во Сиетл иницирала и проект „Ако сите читаме иста книга“, поттикнувајќи ги и децата и возрасните да читаат еден наслов истовремено, кој подоцна се проширил и во други американски градови. Поголема популарност стекнала по објавувањето на „Страст по книга: препорачани наслови за секое расположение, момент и причина“ од 2003, нејзин прирачник за квалитетно читање, кој доживеал и второ продолжение во 2005.

Во јануари 2012 таа предизвика реакции кај своите обожаватели кога потпиша договор со Амазон за ре-издавање на шест романи објавени помеѓу 1960 и 2000, чии изданија се исцрпени или кои не го доживеале заслуженото внимание во времето кога биле објавени. Ова го направила откако 20 традиционални издавачи го одбиле предлогот, но сепак нејзините читатели реагирале со за неа неочекувано остри критики. Додуша имало и такви кои ја поздравиле нејзината идеја за спасување на книгите, кои вклучуваат и два наслова од Елизабет Севиџ, чија изрека - „Многу е опасно да се биде затечен без нешто за читање“ - е омилената на Прл.

Во 2003 една компанија за играчки од Сиетл ја направила првата кукличка по модел на Ненси (слика горе), но таа била оценета како „стереотипна“, со оглед на облеката и опоменувачкиот, ш’шкачки прст на уста. Сега излезе нова верзија, која е многу похеројска, каква што и треба да биде улогата на библиотекарите во културниот живот.

7 јануари 2018 - 10:02