Професорот од Харвард што пукаше во најмоќниот светски банкар

Во јули 1915 еден вооружен човек влегол во резиденцијата на најмоќниот њујоршки банкар Џ. П. Морган, синот на финансискиот гигант со истото име, и пукал во него. Медиумите го опишале како луд, но неговата порака всушност држела вода.

Утрото на 3 јули 1915 Морган и неговата жена појадувале со британскиот амбасадор и неговата сопруга во огромната куќа близу Глен Коу на Лонг Ајленд. Нивниот батлер, Физик, му отворил врата на вознемирен човек кој барал да зборува со банкарот. Откако батлерот одбил да го внесе во куќата, човекот извадил два пиштола од сакото, и на сила влегол внатре. Физик смирено го однел до библиотеката, му ја затворил вратата и истрчал на долниот спрат повикувајќи ги Моргановци да се скријат.

Но напаѓачот, кој подоцна за медиумите изјавил дека се вика Френк Холт, сфатил дека е измамен и почнал да трча кон приземјето. Во еден од ходниците се судрил со Морган и пукал во него. Овој пак, со сета негова тежина од сто кила, паднал врз Холт и го згмечил. Работата ја завршил Физик, кој го удрил напаѓачот по чело со парче јаглен. Морган, застрелан на две места, бил однесен во болница, а Холт во полициска станица.

Наскоро приказната почнала да се отплеткува. Холт на 2 јули активирал неколку бомби на Капитол хил, во седиштето на американскиот Конгрес, а потоа фатил воз за Њујорк. Во инцидентот никој не бил повреден, но била направена прилична материјална штета. Во писмо кое претходно го имал испратено до различни весници, Холт напишал дека не сака никого да повреди, туку само да привлече внимание кон неговата кауза - стопирање на извозот на оружје и муниција кон Европа, каде веќе се одвивала Првата светска војна.

„Холт" бил всушност псевдоним за човек чие вистинско име било Ерик Мунтер, професор по германски од Харвард, кој исчезнал откако полицијата почнала да го сомничи за убиство на жена му во 1906. Медиумите го опишале како „привремено луд", но и покрај неговата сомнителна ментална состојба, Мунтер знаел што прави кога го нападнал Морган - помеѓу 1915 и 1917, Морган и компанијата купила „стоки" за сојузниците во вредност од 3 милијарди долари, а до 1917 исплаќала речиси половина милијарда долари вреден британски долг. Британија била зависна од САД кога станувало збор за финансиската способнсот да ја води Првата светска војна, а проценките се дека доколку не би ја имала таа помош таа би ги исцрпела резервите злато и обврзници до 1917. Холт значи барал ова да запре, и САД целосно да се повлече од учеството во војната, без да троши американски пари и да доведува во опасност американски животи.

Но медиумите ова го спинувале на сосема поинаков начин - доведувајќи ја во прашање лојалноста на таканаречените „Американци со цртичка", каков што бил и Холт, со оглед на тоа што имал германско-американско потекло. Неговата акција била оценета како про-германска, а датумот на нападот на Морган (Денот на независноста) како намерно одбран заради провокација. Ова следело по потопувањето на патничкиот брод Лузитанија во мај истата година, кога Германците убиле 128 Американци, а постоеле и остворени сомневања дека Берлин има испратено саботери и шпиони во САД.

Сето ова ја покажало потребата од јакнење на националниот дух особено помеѓу поделеното имигрантско население. Америка влегла во војната дури во 1917. Морган се опоравил од раните и продолжил со бизнисот. А Мунтер извршил самоубиство само два дена по 4 јули.

7 јули 2016 - 09:38