Приказната за индиските улични продавачи на чај

„Чај вали" е име за луѓето кои на секое ќоше, и во секое населено место во Индија подготвуваат топол чај со млеко, кој ги освежува минувачите. Една фоторепортерка и еден новинар го документираат нивниот живот.

Валите доаѓаат во допир со секакви луѓе, и исто како таксистите или берберите, имаат интимен поглед кон животот кој се одвива на улиците. Фоторепортерката Решам Галатли и новинарот Зак Маркс на нивниот блог ги забележуваат нивните приказни, собирани осум месеци низ 18 индиски региони.

Маркс и Гелантли се сретнале во Њу Делхи додека престојувале таму како Фулбрајтови стипендисти. Во близина на училиштата во кои предавале имало неколку вакви „вали" со кои тие се спријателиле. По завршувањето на официјалениот дел од престојот, тие се вратиле во Индија за да научат повеќе за овој занает.

Еден од валите, Лаксман Рао (на фотографијата) прави чај за љубителите на книжевноста. Неговиот „штанд" се наоѓа близу културен центар во Њу Делхи. Но тој не продава само чај туку и книги кои самиот ги напишал - дури 24 самоиздадени драми, романи и анализи на индиската политика. Во негови читатели се вбројуваат и славни политичари, како Индира Ганди и поранешниот претседател на Индија, Пратиба Патил, а неговите книги освен на чајниот штанд се продаваат и на Амазон.

Во Ахмедабад, Гуџарат, Рамбаи Кори веќе 30 години продава чај пред Институтот за менаџмент и во текот на тие години студентите и професорите имаат доста научено од него за тоа како се води бизнис. Неговиот успешен модел се користи како пример за претприемништво, а кога група дипломци отвориле сајт за социјално вмрежување го нарекле - Рамбаи.

И покрај нивното секојдневно присуство на одредена локација валите се понекогаш невидливи, како нивното варење чај да се одвива „зад сцената". Ова понекогаш е и буквално, како во случајот со Балван Синг Неги, кој во минатите 40 години служел чај на сетови на повеќе од 200 боливудски филмови. Тој ги знае сите боливудски ѕвезди и начинот на којшто тие сакаат да им биде подготвен чајот. Вели дека ВИП чајот е ист како другиот, само што има помалку шеќер, затоа што „сите денес се на диета".

Има и жени-вали, како оваа која во текот на фестивалот Дурга Пуџа го поставува штандот на самата пруга, бидејќи тогаш привремено возот не минува тука. Освен чај таа продава јајца и друга храна подготвена на лице место.

Штандот пак на Лалу Јадав е до просторот за кремирање на Ганг во Варанаси. Постојаната близина до смртта има станато дел од неговиот живот. „Тука нема тага. Се научивме да го гледаме ова 24 часа на ден. Ова се само тела".

Бехан Баба и неговиот син Амет продаваат чај на патче кое води до 14-вековна џамија во Варанаси. Иако и двајцата се хинду, тие велат: „Луѓе од сите вери доаѓаат да ја чујат мудроста на Баба и да се напијат од чајот на Амит".

За нашата серија „Слики од животот низ очите на различни професии" тука и тука

15 јуни 2016 - 08:55