Постхумна злоупотреба на славните

Преку нив мртви

Воскреснати заради рекламни цели, славните ни криви ни должни постхумно се изманипулирани. Ваквата пракса поставува низа законски, но и етички прашања. На пример, чии се овие луѓе?

Една фиктивна славна личност веројатно најдобро ги има сумирано сите опасности од тоа да бидеш познат и по смртта: „Вие славните треба да сфатите дека публиката е сопственик на вашиот живот", изјави во една епизода Хомер Симпсон. „И откако ќе умрете, ќе ве има во реклами како играте со правосмукалки".

Симпсон мисли на Фред Астер (кој умре 1987), и неговата компјутерски манипулирана точка на играње по таванот за реклама за рачната правосмукалка Dirt Devil од 1997. Таа навистина била авторизирана од неговата вдовица, но неговата ќерка изјавила дека ѝ било жал што неговата прекрасна кариера била „продадена на ѓаволот".

Одри Хепберн е последното славно лице кое е задгробно вознемирено заради промотивни цели. Таа 20 години по смртта се враќа на екраните за да рекламира - чоколадо. Во едноминутниот спот за чоколадото Галакси, таа се вози со автобус во педесетите, а чоколадото ѕирка од нејзината чанта. Овој пат нејзините двајца синови го одобриле користењето на нејзиниот лик, секако за великодушен надомест. „Таа би била горда на новата улога, бидејќи често зборуваше за нејзината љубов кон чоколадите и како тоа ѝ го крева духот", изјавил еден од нив како оправдување на својата постапка.

Минатата година судот во Лос Ангелес пресудил дека Џенерал Моторс може да ја користи сликата на Ајнштајн „монтирана“ на мусклулест и разголен маж, на чија рака има истетовирано e=mc². Оние кои се одговорни за оставштината на славниот научник го загубиле случајот бидејќи, како што одлучил судијата, правото на контрола на слика на некоја славна личност истекнува по повеќе од 50 години од нејзината смрт.

Но и во Америка законите се разликуваат. Во Калифорнија се најстроги, со оглед на тоа што таа е дом на холивудските „гробишта" на славните. Трговијата со слики на мртвите е високо исплатлива работа - така на пример CMG Worldwide претставува голем број оставштини, вклучувајќи ја и онаа на Мерлин Монро. Таа наводно заработила 7,7 милиони долари во една година од реклами за Мерцедес бенз.

Во меѓувреме Форбс одржува листа на најбогати починати ѕвезди: минатата година Елизабет Тејлор беше прва со заработени 530 милиони долари (почина 2011).

Иако постои ризик ваквите реклами да му наштетат на имиџот на славниот - поврзувајќи уметник со фрижидери за длабоко или со чипс - за брендот ваквиот начин на рекламирање е супер. Особено ако нема наследници или ако е умрен одамна, тој не може да интервенира во сценариото на рекламата, да бара пакети со чоколади гратис или да те носи на суд заради навреда.

(на насловна пародија на ваква реклама за Порше со Џејмс Дин)

25 февруари 2013 - 12:32