Теофил Панчиќ за концертот на Цеца во Нови Сад

Правда за Житораѓа!

Je suis Charlie - извикуваа со патос „урбаните" фаци од регионот, протестирајќи против фундаменталистичките идеи од секаков вид. Во исто време, некои од нив среде Нови Сад лепеа плакати за бојкот на концерт, доживувајќи го како естетско-етичка закана. Дали било чие поимање на светот е доволно да делегитимизира нечие право на јавен настап, било кога, било каде?

Пред Стара нова година членовите на Партијата на Војводина излепија плакати низ Нови Сад, кои повикуваа на бојкот на концертот на Цеца, кој требаше да се одржи на градскиот плоштад токму по повод празникот. Причина - „нарушувањето на културните вредности на Нови Сад", како и потрошените пари кои градските власти можеле да ги потрошат попаметно.

Концертот вчера и покрај противењата си се одржа, на задоволство на фановите на Светлана Ражњатовиќ, родум од Житораѓа. Но сето ова не остана неискоментирано од Теофил Панчиќ, кој како и секогаш се обидува да внесе малку разум во црно-белата дискусија околу темата.

***

Сигурно веќе сте го виделе тој графит, популарен деновиве: „Нови Сад не е Житораѓа". Секој кој некогаш престојувал во двете места дури и со најповршна компаративна анализа ќе востанови дека тврдењето од ѕидот е недвосмислено точно, то ест, дека Нови Сад навистина не е Житораѓа. Дури не ни личи, освен можеби по некаде на рабовите. Нашиот проблем е во тоа што со тоа е завршен само полесниот дел од работата, значи утврдувањето што НЕ Е Нови Сад; потешко е, а и многу поважно, да се востанови што Нови Сад Е.

До тогаш, ајде уште малку да се задржиме крај оној ѕид. Поводот за графитот секому му е познат. Од друга страна, кога на пример на тврдината дојде Стивен Патрик Морисеј, не забележав графити од типот: „Нови Сад не е Манчестер", иако и тие би содржеле несомнено точно тврдење...Морисеј, додуша, одамна не живее ни во родниот Манчестер, но, еј, па ни Ражнатовиќ Светлана - затоа што за неа се работи на крајот на краиштата - одамна не живее во своето родно питорескно местенце.

Како и да е, со графитот и без него, во што е проблемот со настапот на Ражнатовиќ Светлана на новосадскиот Плоштад на слободата, а во склоп на дочекот на таканаречената православна, јулијанска итн. нова година? Зошто еден дел од граѓаните и граѓанките тоа го доживува како естетско-етичко-политичка провокација, навреда, понижување, дури и своевиден симболички „окупациски" чин?

Кога зборуваме за нешто такво, можеби е најчесно прво да се одреди сопствената позиција. Дали за мене овој настан е нешто на што се радувам, или сум рамнодушен, или тоа за мене е некој вид навреда и понижување? Ова првото секако не е случај, второто би било најточно во некои поинакви околности, но во овие во кои живееме, веројатно најблиску до моето чувство за филинг, што би рекла продуховената естрадна уметница е третото. Па сепак, тоа не ме става во блиска корелација со оној графит и со она што тој (може да) симболизира; во таква корелација би се чувствувал неудобно и непријатно. Не е важен, секако, ниту е спорен сам по себе графитот, туку извесен културно-политички комплекс кој имплицитно, но недвосмислено е запишан во него.

Ако, значи, припаѓате на онаа група луѓе која е засрамена и понижена од „симболичкото обележување" на територијата на главниот градски плоштад од една таква личност-симбол, многу е важно да се види што точно ве тера на такво чувство? Дали е проблемот што таа личност е „од Житораѓа", при што сиротата Житораѓа тука е метонимија на некаква сељачка заостанатост, примитивизам, бахатост и не-знам-веќе-што, а од што ритуално се грозиме по салонските вископлафонски станови во радиус од километар и половина околу Бановина? Ако е тоа во прашање, имам и следно: а што би се случило ако на плоштадот треба да настапи некој од Чад, Екваторијална Гвинеја или Лаос? А таму, по сите тие третосветски саѓести хаоси, верујте ми, има мнооогу полоши места од Жиротаѓа..Па сепак, чувството на „политичка коректност" и страв од етикетата на расизмот би нè спречиле да беснееме по таканаречените социјални мрежи и да пишуваме графити од типот „Нови Сад не е Нови Чад", зарем не? И затоа во таквите случаи ќе бидеме фини, а култур-расизам ќе применуваме само на личности и на краишта кои ни се инхерентно доволно блиски за нивната Другост да се види само во нашите очи...

Што е втората спорна ставка кај Ражнатовиќ Светлана? Таа е пеачка на презрен жанр кој рамковно го нарекуваме турбо-фолк, за кој ние „урбаните" не мислиме ништо добро...Веднаш ќе се изјаснам: не сум јас толку „еманципиран" како најновиот бран на културолошки помодари, кои одеднаш детектираа некои страшно длабоки длабочини во турбо фолкот, без оглед дали кај Светлана, Карелуша или кај не знам кој; напротив, сметам дека тоа е главно ѓубре. Тој квалификатив, ако мене ме прашувате, го опфаќа и целиот за мене познат опус на извесната (жито)граѓанка. Да го фрлиш во отворен космос, веднаш би произвел црна јама. Дали, меѓутоа, тој мој - ваш, било чиј - музички вкус и естетско поимање на светот се доволни да делегитимизираат нечие право на јавен настап, било кога, било каде? Знам дека не е, ниту пак дека треба да биде.

Од каде и да е таа, и што и да пее, Ражнатовиќ Светлана мене не ми е спорна заради тоа, но ми е, и тоа многу, спорен вредносно-политичкиот контекст која таа силно и недвосмилено го симболизира, и тоа сосема свесно; да не е свесна за тоа, до сега веќе би нашла начин за од него да се дистанцира. Тоа е контекст на мафијашка, военопрофитерска поткултура, и таа со тој контекст не се идентификува само заради бракот со фамозниот Аркан - кој, иако малку натегнато, можеме сепак да го третираме како нивна приватна работа - туку и заради многу други работи во кои учествувала, или на кои им била „миродија" и претходно, а особено после него. Е, тоа е она што е сквернавечко во идејата таква личност симболички да ја освојува Агората на овој град, но тогаш тоа така и треба да се каже, а не да се дрдорат будалаштини. Впрочем, дали би било во ред ако таа е сето она што и онака е, само да е родена во Бетанија, и да пее панк или оперски арии? Оставете ја значи Житораѓа, оставете го сељачизмот, турбофолкот, ова, она... Секој обид од тој вид ве води во парадоксална позиција на малограѓански надобуден агресор поставен наспроти природната културна разновидност. А тоа, претпоставувам, никако не е позиција на која би сакале да се најдете...

Ако најпосле сме на вистинскиот, политички терен, мора да се каже и ова. Нови Сад го води политичка коалиција на која појавите како Ражнатовиќ Светлана едноставно природно ѝ лежат: таа и тие доаѓаат од истото политичко-културно легло. Па, стварно не знам како замислувате дека Нови Сад ќе го водат такви партии и такви луѓе, а сето тоа да мине без Светлана и разни светланади? За тоа овие „урбаниве" морале да мислат тогаш кога се бирало кој ќе го води овој град, но еден не баш занемралив дел од нив тогаш опсцено уживаше во сопствената „згаденост" над политичката сцена и целиот свет, и нарцисоидно одбиваше да одбере таква власт која, ако ништо друго, нема да им ја носи Светлана под прозорци. А сега сите се чудат, кршат прсти и се згрозуваат: и-ју!, па што е ова? Па, ништо..Вие сте ОВА. Во крајна линија, ВИЕ ја донесовте на Плоштадот на слободата.

На крај, зошто е сето ова важно, сите тие „нијансирања", ако на крај сите и онака "не ја сакаме" Светлана, таа ни е фуј, не сакаме да биде на главниот плоштад на нашиот град, го чувствуваме нејзиниот настап како „обесчестување" на она што го сакаме и сметаме дека е важен дел на нашиот интимен свет? Па ајде да се обидам да го објаснам тоа со една актуелна аналогија? Нели сме овие денови „сите" Je suis Charlie? Нели се грозиме, „сите", од злосторниците и од фанатиците, кои, во име на луди верски догми - додуша, зарем има поинакви верски догми отколку сулуди, како воопшто би можело да биде нормално некому да му се заповеда или да му се забрани што и да е во име на измислени суштества, нешта и појави? - убиваат недолжни луѓе? Па сепак, во Франција, во Германија, многу фино внимаваат да не го помешаат својот протест со оној наратив на професионалните ксенофоби и екстремни десничари. Но, зарем не се и едните и другите „против" џихадиските и терористите, зарем не се обединети во таа точка? Само навидум! Затоа што на првите навистина им пречи само насилството, било од верско-фундаменталистички или од некој друг мотив, додека на другите и инаку им пречат луѓето кои „се дојдени од некаде", кои „не се наши, тукашни", кои имаат поинакви имиња, акцент, навики, спомени...Па, ако сакате, и слушаат поинаква музика! Тука тероризмот е само претекст, изговор за омраза, која би постоела и без тероризам.

Секако, сето ова наше пренемагање околу една пејачка е само банална мала оперета во однос на крваво сериозните прашања кои ги покрена парискиот масакр. Ќе дојде и ќе мине тој несреќен псевдоновогодишен концерт, и никому ништо... Но важно е, заради нашата сопствена духовна хигиена, дека кога сме за или против некого и нешто, тоа да не го правиме заради причини кои нè прават проклето слични баш на она против што наводно сме.

А што се однесува до Житораѓа, замислувам како таму најавуваат концерт на, што знам, Балашевиќ, Обоени програм или Кекец, а потоа локалното подземно движење на отпорот под закрила на ноќта почнува да пишува по тарабите: „Житораѓа не е Нови Сад". Е, тоа би била навистина симпатична сцена...

Aвтор: Теофил Панчиќ

14 јануари 2015 - 18:36