Пожарот во Богородичната црква кој го опиша Виктор Иго во 19 век

Во текот на својата 856 години долга историја, Нотр Дам поминала низ многу нешта. Но еден писател и негов славен роман се најзаслужни што црквата го преживеала 19 век, кога готската архитектура била оставана да скапува.

Во осмо одделение имавме лектира, „Козета и Гаврош“, извадок од многу поголемо дело, „Клетници“. Заинтригирана од судбината на овие дечиња, и замелушена од стилот на Иго, тогаш ги прочитав сите пет томови од книгата, но и уште едно негово претходно дело - „Богородичната црква во Париз“.

Кога синоќа се пронесе веста дека овој симбол на францускиот главен град гори, како низ магла ми помина мисла дека ова некогаш веќе се случило, во сон или во некоја книга. Утрината конечно сфатив - па да, кај Иго!

Неговиот роман објавен во 1831, „Ѕвонарот на Богородичната црква“ (кај нас преведен како „Богородичната црква во Париз“), раскажува приказна од 15 век, за убавата Циганка Есмералда која ги освојува срцата на голем број моќни мажи. Додека сите тие се обидуваат по секоја цена да ја освојат или да ја казнат за невозвратената љубов, само грбавиот, полуслеп и полуглув ѕвонар Квазимодо се обидува да ја спаси. Кога таа во еден момент е обвинета за убиство и треба да биде јавно обесена, тој ја грабнува и засолнува во Богородичната црква, каде војската нема пристап. Но во судирите со нив црквата се пали:

„Сите погледи беа кренати кон врвот на црквата. Таму се случуваше неверојатна глетка. На испакнатото плато на највисоката галерија, повисока од централниот розетен прозорец, се креваше огромен пламен јазик помеѓу двете кули, со вртлози од искри, голем, хаотичен и стравичен пламен, јазик повремено распалуван од ветерот...Безбројните скулптури на демони и змејови добија морничав изглед. Немирната светлина од пламенот правеше тие да изгледаат како да се движат. Помеѓу чудовиштата разбудени од нивниот каменен сон од овој пламен, од оваа врева, имаше еден човек кој чекореше наваму натаму, и кој можеше да се види како минува преку сјајното лице на зградата, како лилјак пред свеќа. Без сомнение, оваа необична светлина можеше да го разбуди дури и далечниот дрвосечач од ридовите на Бисетр, ужаснат од џиновската сенка на кулите на Богородичната црква“.

Иго почнал да ја пишува книгата не само како љубовна и социјална приказна, туку и за да ја крене свеста на своите современици за вредноста на готската архитектура, која во негово време често била запоставувана, па дури и уништувана за да биде заменета со нови згради во помодерен стил. Така, средовековните обоени стаклени панели на Богородичната црква биле заменети со бело стакло, за да влегува повеќе светлина во објектот. Токму на оваа цел на Иго се должат и екстензивните описни делови во книгата, кои далеку ја надминуваат потребата од нив во контекст на заплетот. Неколку години подоцна, тој објавил статија под наслов „Војна на уништувачите“, посебно наменета за спасување на париската средовековна архитектура. Се смета дека тој е и најзаслужниот што катедралата го преживеала 19-тиот век. Очигледно 21-от не ѝ е толку наклонет.

Сцената од цртаниот на Дизни, каде е прикажан пожарот.

Илина, Букбокс