Последниот филм на Роберт Редфорд пред пензија

Деновиве, колку да сочуваме здрав разум и да се потсетиме дека на светов има и други теми, гугламе „наши“ луѓе за да видиме како се и што прават. Така дознавме дека еден од нив - Том Вејтс - снима филм со Роберт Редфорд, под наслов „Стариот човек и пиштолот“.

Во број на Њујоркер од 27 јануари 2003 е објавено интервју со извесен Форест Такер, криминалец со кариера која траела повеќе од шест децении, а чија специјалност била ограбување банки и бегства од сите затвори во кои престојувал. Кога наполнил 79, со висок притисок, чир во стомак и бајпас, одлучил дека е време да се пензионира. Во ова го поддржувала и жена му, која издејствувала да се купи куќа на Флорида со поглед на голф терен, каде би проживеале мирна старост. И сè ќе било добро доколку Такер не посакал пред повлекувањето да направи уште само една акција.

Облечен целиот во бело, овој маркантен маж со залижана коса и продорни сини очи, едно утро заминал во градот Џупитер, на осумдесетина километри од местото каде живеел, и со маска на главата се обидел да ја ограби локалната банка. Иако за искусниот играч сè изгледало рутински, тој веројатно некаде се прелажал - полицијата го фатила, не можејќи да верува дека дедото на чии раце ставиле лисици е озлогласен криминалец, чие последно бегство од затвор се случило само неколку години претходно.

Сторијата сега ќе биде филмувана, во режија на Дејвид Лоури (Ghost Story), а во главната улога, негова наводно последна пред пензија, настапува Роберт Редфорд. Кејси Афлек го глуми детективот кој станува опседнат со Такер, а Сиси Спејсек ја игра љубовта на Такер. Споредна улога има и Том Вејтс.

Премиерата се очекува на 28 септември, а тука имаме тазе трејлер. Во него Редфорд ама ич не изгледа како некој што треба професионално да се одјави.

14 јуни 2018 - 15:42