Почина Роберт Вентури, еден од најзначајните светски архитекти

Добитник на Прицкер, престижната награда за архитектура, Вентури почина на 93 години и зад себе остави бројни дела, книги и познатата контра-модернистичка максима - „Помалку е досадно“ (Less is bore)

Вентури во шеесетите на минатиот век се наметнал на уметничката сцена не со архитектонско дело, туку со книга. Неговата „Сложеност и контрадикција во архитектурата“ (1966) означилa отстапување од модернистичкиот канон во корист на дела кои покажуваат поголема индивидуалност и историска свесност. Токму од тоа време датира и соработката со Дениз Скот Браун, подоцна негова сопруга, која била негово „планерско око“. Нивните заеднички дела и написи претставувале тивка револуција, проширувајќи го обемот на она што значи архитетура, и како таа ја моделира нашата перцепција за град.

Па сепак, иако постојано работеле заедно, само Вентури бил оној кој во 1991 ја добил Прицкеровата награда, при што придонесот на Скот Браун бил маргинализиран. Самиот Вентури, како и група нејзини колешки, реагирале на оваа неправда, но одлуката не била преиначена. Иронично е што Скот Браун самата на некој начин го предвидела исходот во нејзиниот есеј од 1975, „Соба на последниот кат: сексизмот и системот на ѕвезди во архитектурата“.

Така тие и самите станале дел од „системот на ѕвезди“, но без да градат стаклени кули или монументални уметнички комплекси. Нивното студио било главно наменето за приватни клиенти, како и за јавни згради и верски објекти. Нивната архитектура била оценета како „спокојна“, покажувајќи го патот кон помалку догматски и помалку ригиден пристап, со поголема почит кон контекстот и пропорцијата.

Нивната студија „Значењето на паркинзите или учејќи од Вегас“ (1968) претставувала проучување на околина (не-град) водена од комерцијални мотиви, и обид да се биде „херојски во право“ соочен со популизмот и незнаењето (на клиентите). Според нив човечката интеракција била клуч за создавање на успешен простор, а културата на автомобили на Вегас не фаворизирала суптилна естетика.
Токму оваа книга го поттикнала основањето на истражувачкото студио, најпрви со студенти од Школата за уметност и архитектура во Јеил, под име „Учејќи од Лас Вегас или форма на анализа како истражување на дизајнот“.

Иако придонесот на Вентури во архитектонската мисла и изведба е несомнен, некои од неговите идеи биле (и се уште се) предмет на поделби во фелата, а дел од неговите објекти се во фаза на распаѓање. Таков е примерот со Музејот на современата уметност во Сан Диего - делови од него се демолирани заради проширување на околни објекти.

Но куќата која ја испроектирал за својата мајка, Вана Вентури во Филаделфија (фото најгоре) се смета за едно од ремек-делата на американската архитектура. За негово мото се смета изреката Less is bore (Помалку е здодевно), спротивно од она на неговиот колега - модернист, Лудвиг Миес ван дер Рое, Less is more (Помалку е повеќе).

20 септември 2018 - 16:58