Омилената друштвена игра на старите Римјани

Се викала лудус латрункулорум, се играла на камена плоча, а им помагала на војниците да ја издржат досадата во паузите меѓу две битки.

Животот на римските легии често се замислува како постојана возбуда и бескрајни воени кампањи за потчинување на Европа и Блискиот исток. Но вистината е дека римските војниците имале многу слободно време. Или така барем изгледа според откриените плочи за играње во текот на ископувањата на Хадријановиот ѕид, утврдување долго 120 километри во северна Англија, која некогаш ја означувала северната граница на Римската империја. И каде војниците играле игри за да им мине времето.

Скршената камена табла била откриена минатиот месец додека археолозите ископувале зграда од третиот век зад бањата во Виндоланда, една од 14-те тврдини долж Хадријановиот ѕид. Се верува дека таблата била користена во бањата, но откако се скршила некој ја вградил во подот. Секако, не можеме да знаеме како се скршила, но замисливме лут римски војник со градба на гладијатор како изнервиран што изгубил ја превртува и скока врз неа.

Откриени се и пет други табли кои датираат од 3-5 век, заедно со жетони од стакло и камен. Ѕидот на Хадријан бил граден шест години, а претставувал најсеверна граница на империјата до 138-та година од нашата ера кога императорот Антониус Пиус ја напуштил, и изградил нов ѕид уште посеверно. Дваесет години подоцна, Римјаните морале да се вратат на истата локација заради нападите од варварските племиња, и тука останале до 400-тата година.

Она што тие го играле за сето тоа време е лудус латрункулорум, или „игра на платеници“. Сепак, археолозите треба допрва да ги откриваат деталните правила. Играта прв пат се спомнува во вториот век од писател по име Варо, кој само напишал дека таа се игра на табла поделена на квадрати. Една песна од анонимен автор од првиот век дава подетален опис, како на пример тоа дека играчите си ги заробувале фигурите движејќи се напред и назад на таблата. Овидие известува дека фигурите биле заробувани кога ќе биле заобиколени од две непријателски фигури. Непостоењето на докази сепак не е пречка некои комерцијални производители на игри веќе да имаат изработено верзии кои се продаваат како „класичната римска игра“, а во случајов се изработени со дрвени фигури на кожна подлога. 

Со оглед на тоа што истражувачите на спомнатата локација имаат ископано само 25% од наоѓалиштето, останува надежта дека ќе се откријат повеќе друштвени игри. Ама со оглед на димензиите на просторот, за да се ископа и обработи целиот терен ќе бидат потребни 150 години.

9 мај 2019 - 08:54