166 години од смртта

Од што умрел Едгар Алан По?

Во рубриките „деновиве пред години" на 7 октомври обично се појавува информацијата дека на тој датум во 1849 починал Едгар Алан По. Но поинтересното се случило неколку денови порано, на 3 октомври, кога тој бил пронајден на улиците на Балтимор, без свест и во тешка здравствена состојба. И не само тоа - носел нечија туѓа облека, и во бунило постојано го спомнувал името на некојси Рејнолд. 

Тој 3 октомври 1849 во Балтимор врнело, но тоа не го запрело Џозеф Вокер, словослагач во печатницата на весникот Балтимор Сан, да појде до Ганерс Хол, една од локациите во градот каде тој ден се одвивале локални избори. Пред зградата наишол на маж во делириум, облечен во изветвена облека, како лежи во калта. Вокер во него го препознал славниот писател, и го прашал дали може да повика некого на помош. По му го дал името на Џозеф Е. Снодграс, уредник на списание со медицинско образование, па Вокер веднаш му испратил писмо (кое изгледа во тоа време стигнувало исто толку бргу колку денес СМС):

Почитуван господине,

Тука има еден господин, во многу лоша состојба, познат под името Едгар Алан По, а кој изгледа дека е во голема неволја. Вели дека ве познава - потребна му е итна помош

Ваш, во брзање
Џозеф В. Вокер

Она што се случувало во следните неколку денови воопшто не помогнало во расветлување на случајот - По ги минал во бунило, никогаш не се повратил доволно за да објасни како завршил на улица во туѓа облека и постојано имал визуелни халуцинации. Исто како и во случајот со Агата Кристи, за кој пишувавме тука, и По, како мајстор на детективската приказна и мистеријата, на крај ни оставил вистинска животна загатка.

Освен теориите кои обично се спомнуваат, како таа дека умрел од алкохол, од мозочен тумор или од беснило, има уште неколку кои иако звучат поневеројатно, можеби се точните. Еве некои од нив:

Жртва на изборна измама

Cooping е метод на лажно гласање кој се практикувал од страна на банди во 19 век, кога некоја жртва била киднапирана, преправена во некој друг и присилена да гласа за одреден кандидат неколку пати под различни идентитети. Во Балтимор во средината на 1800-тите ова било многу честа постапка, а изборното место каде Вoкер го нашол По било познато токму по тоа што куперите таму ги носеле нивните жртви. Фактот дека По бил пронајден во делириум токму на изборен ден се смета за показател за точноста на теоријата. На оние кои успешно ќе ја извршеле должноста им се давало алкохол како награда, па ако тој навистина бил присилен да гласа повеќе пати, тоа објаснува зошто не знаел за себе.

Труење со јаглерод моноксид

Во 1999 истражувачот од областа на јавното здравје Алберт Донеј изјавил дека По бил жртва на труење од гас кој се користел за внатрешно осветлување во текот на 19 век. Тој дошол до овој заклучок откако зел парчиња коса на писателот и тестирал дали во нив има одредени тешки метали преку кои би се детектирала присутноста на гас. Тестот не дал дефинитивни резултати, па биографите и историчарите главно ја отфрлаат оваа теорија.

Труење од тешки метали

И покрај тоа што тешки метали поврзани со јаглерод диоксид не биле пронајдени, тестовите сепак откриле зголемено ниво на жива во системот на По. Најверојатно тоа е резултат на епидемијата на колера на која тој бил изложен во јули истата година, додека бил во Филаделфија. Тогаш докторот му препишал каломел, или живин хлорид. Со труењето со жива може да се објаснат и халуцинациите и делириумот пред неговата смрт. Сепак, нивото на жива во косата на По е 30 пати пониско од она кое може да доведе до труење.

Убиство

Во книгата од 2000, „Полноќна јанѕа: мистериозната смрт на Е.А. По", авторот Џон Еванџелист Волш презентираше уште една теорија: дека По бил убиен од страна на браќата на неговата богата вереничка Елмира Шелтон, кои биле против нивниот брак. Користејќи докази од весници, писма и мемоари, Велш тврди дека непосредно пред гореопишаниот настан тие го начекале, па за да им се скрие тој се преоблекол во туѓа облека и се обидел да им избега. Тие сепак го фатиле, го налокале со виски знаејќи дека тоа може да му се одрази фатално, и го оставиле на улица.

И покрај мноштвото теории, изгледа дека нема само една која објаснува сè, туку се работи за комбинации од повеќе фактори кои довеле до смртта на По, на 40 годишна возраст.

5 октомври 2015 - 16:27