Нова графичка новела посветена на Стивен Хокинг

Главен лик во графичката новела е научник чии книги беа на листата на бестселери на Њујорк тајмс, и кој предаваше на престижен универзитет. Случајно или не, и нејзиниот автор е исто така поранешен нуклеарен инженер, кој се најде на бестселер листата на Њујорк Тајмс и во моментов е библиотекар на Универзитетот Мичиген. Некако е логично што токму тој се фатил со претставување на славниот теориски физичар и космолог.

Едноставно насловена „Хокинг“, со текст на Џим Отавијани и илустрации на Леланд Мирик, новата графичка новела (2 јули) го следи животот на легендарниот научник, од неговите револуционерни дела во областа на теориската физика, објавувањето на бестселерот „Кратка историја на времето“, до неговото залагање за правата на луѓето со хендикеп.

Авторите спровеле детално истражување, минувајќи низ куп белешки и референци, книги, аудио, печатени и видео интервјуа. Дел од времето престојувале и на Кембриџ, во канцелариите на Хокинг, во неговата околина, и разговарале со пријатели и колеги за да ја добијат најдобрата можна слика за сега починатиот физичар.

Отавијани претходно, меѓу другото, има пишувано книги посветени на констуирањето на атомската бомба, на животот на Алан Тјуринг и бестселерот за Ричард Фајнман, исто така илустрирана од Mирик. Следната негова книга планирана за февруари 2020 носи наслов „Астронаути: жените на финалната граница“, а претставува повторна соработка со Марис Вик, со кого во 2013 ја имаат направено „Примати: бестрашната наука на Џејн Гудал“. Неговите книги на почетокот биле самиздати, кои полека добивале на популарност и ги убедиле големите издавачи дека науката може да биде значаен жанр за стрипови и графички новели.

Со оглед на темите на неговите книги, прво нешто што тој се обидува е да го направи материјалот разбирлив за секого - најпрвин за самиот него, па за уредникот и за илустраторот, кој е последниот судија бидејќи мора да разбере што се случува за тоа нешто да го нацрта. Тој вели дека нивната книга го исполнува ликот „со релевантност вон она што би го знаеле за него од гостувања на Симпсонови, Биг бенг тиори или од неговата страница на Википедија“.

9 јули 2019 - 08:20