Необични професии: човекот кој расчистува откако некој ќе умре

Се сеќавате на нашата иницијатива за собирање приказни од животот низ очите на разни професии? Еве една за луѓе кои не се баш „старо купувам“, затоа што предметите кои тие ги собираат не мора да се стари. Само треба да им припаѓаат на неодамна починати.

„Учиш многу за животот на мртвиот човек р’чкајќи му низ куќа - кревајќи го неговиот мебел, празнејќи ги шифоњерите, пребарувајќи ги подрумите по што и да е што може да се продаде на аукција. Чувството е како без дозвола да си му влегол во најинтимното“.

Ова го вели Шејн Кешмен (какво иронично презиме...), вработен во фирма која се води како аукциска, а се бави токму со ова - расчистување, проценка и откуп на предмети од умрени.

Во неговиот текст тој раскажува неколку анегдоти од работата која и не е секогаш пријатна, особено за некој кој е љубопитен и чувствителен за туѓите судбини. „Понекогаш најавтентичната слика за нечиј идентитет се наоѓа во посветите или забелешките напишани во книгите“, вели тој. Во една која му припаѓала на извесен Стенли, не многу познат бродвејски пејач и актер, чија куќа е полна со фотографии од негови настапи, а нотите се уште му стојат на отвореното пијано, е сочувана рачно пишувана белешка под наслов „Самодоверба“:

Јас сум убаво човечко суштество кое заслужува добар живот. Зграпчив огледало, го зашлапав со влажен бакнеж и реков: Те сакам, ти си човекот

Вообичаено работата на Шејн и неговиот колега почнува од подрумот - се креваат душеци, се пакуваат костими за Ноќ на вештерките и свадбени фустани, се проценува дали може нешто да се извлече од амбарите и дали вредат нешто тракторските делови. Од сето ова газдите на фирмата го избираат најсочуваното и највредното, а најситните и најмалку вредните нешта се ставаат измешани во кутии кои се нарекуваат „лотс“, и за нив (како што гледаме и на оние реалните шоуа што се даваат на некои од кабелските телевизии) лицитираат луѓе кои во копањето по вакви нешта наоѓаат возбуда.

На закажните датуми за аукција сето ова убаво се аранжира и се огласува, и на сајтот и во продажниот салон. Руски икони, каубојски чизми, наци „сувенири“ кои се наоѓаат дури и во еврејски домови - Евреите наводно ги купуваат за да им докажат на оние кои не веруваат во холокаустот дека тој навистина се случил.

Ликовите кои доаѓаат на аукциите се живописни и со свои приказни, но оние на починатите се сепак поинтересни. При најновото празнење на куќа на некој свирач на труба Шејн ја наоѓа неговата биографија во работната маса. Свирел на „Тунајт шоу“ со Џони Карсон, со Синатра и Бади Рич, а во собата има и студиски снимки од него кои Шејн ги пушта на гласно, додека трубата ечи низ празната куќа. Додека тоа се случува комшиите излегуваат во дворовите, но не затоа што се воодушевени од музиката. Маалото е за „сениори“, и сите имаат над 55 години. Го гледаат камионот, претпоставувајќи дека можат да бидат следните чии предмети ќе завршат во него.

Поврзано: Слики од животот низ очите на различни професии

Еден ден од животот на еден банкар (приказна на читател)

14 септември 2016 - 19:49