Добар совет за празнициве

Не им подарувајте книги (со сила) на луѓе што не читаат

За библиофилите огромно искушение е да купат книги дури и на пријатели за кои сигурно знаат дека нема да ги прочитаат, како некој вид опомена или педагошка мерка. Не се мачете, вели Дејвид Барнет од Гардијан. Впрочем, не мора секој да чита.

Да, постојат луѓе кои не читаат. Сме чуле за нив. Па дури имаме и неколку такви пријатели. Јас и вие знаеме дека книгите се супер. Тие збогатуваат, образуваат, забавуваат. Луѓето кои читаат книги се попаметни, пофини, поатрактивни. Луѓето кои не читаат живеат сиви животи, лишени од искрата која ни ги осветлува животите, на нас, читателите, овозможувајќи ни да чекориме по облаци, да слушаме ангелски гласови или да мочаме виножита.

Па сепак, често чувствувам блага нелагодност кога се соочувам со изјави на ентузијастични читатели, главно на социјалните мрежи, дека оние кои не читаат книги се на некој начин инфериорни, или дека треба да бидат сожалувани. Има денови кога не може човек глава да крене од цитатот кој му се припишува на Џон Вотерс: „Ако појдете кај некого дома и тој нема книги, не легнувајте со него!“. Или нешто од типот: „Многу ми е жал за луѓето кои не читаат книги“, „Фати се за книга, батали тоа твитањето“, „Нема прочитано ни една книга а тука соли памет“ итн.

Природно е оние кои се читатели да се религиозно посветени на оваа активност и да сметаат дека оние кои не читааат имаат некаква фалинка.Но кога човек е опкружен со пријатели и познаници кои читаат, тој живее во библиофилски „меур“ и можеби и не е свесен дека оваа активност и не е баш раширена.

Најчестите образложенија за нечитање се немање време или концентрација. Но колку и да звучи необично, на некои луѓе навистина не им се потребни книги. Тие веројатно го добиваат својот наративен „фикс“ од телевизија, филмови или од видео игри. Можеби целата драма и страст ја црпат од спорт. Веројатно повеќе сакаат нивен прозорец кон светот да се вестите, кои се случуваат и за кои дознаваат во реално време. Или се среќни со разбирањето на човечката природа која ја добиваат од социјалните мрежи или од приајтелите.

Читањето е важно. Писменоста исто така. Но да се биде писмен и да се сакаат книги се две различни работи. Можеби вашите полици се полни, и имате право да не спиете со некого само затоа што не чита. Но овие празници не им купувајте книги на луѓе кои не ги сакаат. Наместо тоа, еве, пратете ми ги мене!

Дејвид Барнет

14 декември 2017 - 16:19