Мудри совети на Данило Киш

„Не биди во опозиција, затоа што ти не си наспроти“

Во манир на „Писмата до младиот поет“ на Рилке, Киш дава одлични совети, не само за младите писатели, туку воопшто за сите млади луѓе. Доволно сме стари да знаеме дека сето ова е точно.

Негувај сомнеж во владеачките идеологии и владетели.

Држи се понастрана од владетелите.

Внимавај својот говор да не го загадиш со јазикот на идеологиите.

Верувај дека си помоќен од генералите, но не се мери со нив.

Не верувај дека си послаб од генералите, но не се мери со нив.

Не верувај во утописки проекти, освен во оние кои ги создаваш сам.

Биди подеднакво горд и кога се во прашање владетелите, и толпата.

Имај чиста совест во однос на привилегиите кои ти ги носи твојот писателски занает.

Не го мешај проклетството на твојот избор со класната опресија.

Не биди опседнат со историската итност и не верувај во метафората за возовите на историјата.

Не скокај, значи, во „возовите на историјата", затоа што тоа е само глупава метафора.

Секогаш имај ја на ум мислата: „кој ја погодува целта, останатото го промашува".

Не пишувај репортажи од земја во кои си бил како турист; воопшто не пишувај репортажи, ти не си новинар.

Не верувај во статистики, во цифри, во јавни изјави: стварноста е она што не се гледа со голо око.

Не посетувај фабрики, колхози, работилници: напредокот е она што не се гледа со голо око.

Не се занимавај со економија, социологија, психоанализа.

Не ги следи источните филозофии, зен-будизам итн., ти имаш попаметна работа

Биди свесен за фактот дека фантазијата е сестра на лагата, и оттаму е опасна.

Не здружувај се со никого: писателот е сам.

Не им верувај на оние кои велат дека ова е најлошиот од сите светови.

Не им верувај на пророците, затоа што ТИ си пророк.

Не биди пророк, затоа што твоето оружје е сомнежот.

Имај мирна совест, владетелите не се твое гајле, затоа што ти си владетел.

Имај мирна совест, рударите не се твое гајле, затоа што ти си рудар.

Знај дека она што не си го рекол во весници не е пропаднато засекогаш: тоа е тресет.

Не пишувај според нарачките на денот.

Не се обложувај на мигот, затоа што ќе се каеш.

Биди незадоволен со својата судбина, затоа што само будалите се задоволни.

Не биди незадоволен со својата судбина, затоа што ти си од одбраните.

Не барај морално оправдување за оние кои те издале.

Пази се од „ужаснувачката доследност".

Пази се од лажни аналогии.

Верувај им на оние кои скапо ја плаќаат својата недоследност.

Не верувај на оние кои скапо ја наплаќаат својата недоследност.

Не застапувај релативизам на сите вредности: хиерархија на вредности постои.

Наградите кои ти ги доделуваат владетелите примај ги со рамнодушност, но не прави ништо за да ги заслужиш.

Верувај дека јазикот на кој пишуваш е најдобар од сите јазици, затоа што друг немаш.

Верувај дека јазикот на кој пишуваш е најлош од сите, иако не би го заменил за ниту еден друг.

Не биди сервилен, затоа што владетелите ќе те најмат за вратар.

Не биди надуен, затоа што ќе личиш на вратарите на владетелите.

Немој да дозволиш да те убедат дека твоето пишување е општествено некорисно.

Немој да мислиш дека ти самиот си корисен член на општеството.

Немој да дозволиш да те убедат дека оттаму ти си општествен паразит.

Верувај дека твојот сонет вреди повеќе од говорот на политичарите и владетелите.

Знај дека твојот сонет не значи ништо наспрема реториката на политичарите и владетелите.

За сè имај свое мислење.

Немој за сè да го кажуваш своето мислење.

Тебе зборовите најмалку те чинат.

Твоите зборови се најскапоцени.

Не настапувај во име на својата нација - кој си пак ти да бидеш нечиј претставник, освен свој!

Не биди во опозиција, затоа што ти не си наспроти, ти си доле.

Не биди со власта и владетелите, затоа што си над нив.

Бори се против општествените неправди, не правејќи од тоа програма.

Немој таа борба против општествената неправда да те сврти од твојот пат.

Запознај ја мислата на другите, потоа отфрли ја.

Не создавај политичка програма: ти создаваш од магмата и хаосот на светот.

Пази се од оние кои ти нудат конечни решенија.

Не биди писател на малцинствата.

Штом некоја заедница ќе почне да те присвојува, преиспитај се.

Не пишувај за „просечниот читател"; сите читатели се просечни.

Не пишувај за елитата, елита не постои: елитата си ти.

Не мисли за смртта, и не заборавај дека си смртен.

Не верувај во бесмртноста на писателите, тоа се професорски глупости.

Не биди трагично сериозен, затоа што тоа е комично.

Не биди комедијант, затоа што бољарите се навикнати тие да ги забавуваат.

Не биди дворска луда.

Не мисли дека писателите се „совест на човештвото": веќе си видел многу гадови.

Не давај да те убедат дека си никој и ништо: веќе си видел дека бољарите се плашат од поетите.

Не оди за ниту една идеја во смрт, и не наговарај никого да гине.

Не биди кукавица, и презирај ги кукавиците.

Не заборавај дека херојството подразбира голема жртва.

Не пишувај за празници и јубилеи.

Не пишувај пофалници, ќе се каеш.

Не пишувај посмртно слово на народните великани, ќе се каеш.

Ако не можеш да ја кажеш вистината - молчи.

Пази се од полувистини.

Кога има општо славење, нема потреба и ти да учествуваш.

Не им прави услуги на владетелите и бољарите.

Не биди толерантен од љубезност.

Не терај правда со сила: „со будала не се препирај".

Немој да дозволиш да те убедат дека сите сме еднакво во право, и дека за вкусовите не треба да се расправа.

„Кога двајцата соговорници грешат, тоа уште не значи дека двајцата се во право" (Попер)

„Да се дозволи другиот да има право не нè штити од една друга опасност: да поверуваме дека можеби сите имаат право" (Idem)

Немој да се расправаш со незнајковците за работи кои од тебе ги слушаат прв пат.

Немој да имаш мисија.

Пази се од оние кои имаат мисија.

Не верувај во „научно мислење".

Не верувај во интиуција.

Чувај се од цинизмот, па и од сопствениот.

Избегнувај ги идеолошките општи места и цитатите.

Не верувај во автоматското пишување и „свесната нејасност" - ти тежнееш кон јасност.

Отфрлај ги книжевните школи кои ти ги наметнуваат.

На спомнувањето на „социјалистичкиот реализам" го напушташ разговорот.

Оној кој тврди дека Колима била различна од Аушвиц, го тераш во мајчина.

Оној кој тврди дека во Аушвиц требеле само вошки, а не луѓе - истата постапка.

Segui il carro e lascia dir le genti. (Dante)*

* Следи си го патот, и остави ги луѓето да зборуваат.

(1984)

20 септември 2012 - 17:30