Oна што цело време ни недостасуваше

Наскоро ќе може да се испраќаат дигитални пораки напишани со хиероглифи

Кога бевме мали, ако не ни чинеше ракописот, ни викаа дека пишуваме како со хиероглифи. Епа сега навистина ќе можеме да ги користиме, ама на мобилни.

Квази-логографските симболи, емоџи, на многумина не им прават ќеф, веројатно заради „џиџи-миџи“ дизајнот на сликичките кои не изгледаат баш софистицирано. Сега тие ќе имаат поинаков избор - Уникод, стандардниот систем за дигитално енкодирање на текст во различни пишувани системи во светот, се подготвува во себе да вклучи повеќе од 2000 хиероглифи.

Во текот на старото, средното и новото кралство (2687-1081 п.н.е) старите Еѓипјани користеле помеѓу 750 и 1000 хиероглифи, а бројот значително се зголемил во текот на грчко-римскиот период, кога изнесувал околу 7000. Тогаш, под Александар Македонски, Птолемаидите и Римското царство, јазикот се менувал и се развивал во тек на илјадници години, што сега ќе биде отсликано и преку дигиталното енкодирање. Египетските хиероглифи се дефинирани во Уникод уште во негова рана верзија, издадена во 2009, но таму се многу малку на број и не се однесуваат на грчко-римскиот период.

Огромната разновидност на идеограми, кои прикажуваат животни, луѓе, алатки и други артефакти, се одлична подлога за креативно комбинирање и, исто како со емотиконите, за изразување комплексни мисли и пораки. Кои особено помладите можат лесно да ги совладаат, само ако бидат доволно мотивирани.

10 мај 2018 - 08:57