Најлуда музика на свет?

По форумите за класична и современа музика често пати се прават листи на најсложените нотни записи и најоткачените дела. Неколку од нив се повторуваат, но едно отскокнува по своето лудило.

Има „луди“ дела кои се такви заради својот концепт, други затоа што биле (или уште се) пред своето време, а трети заради начинот на кој се запишани музичките упатства и нотите.

Едно од нив, на рускиот композитор и пијанист, Скрјабин, е неговото нецелосно последно дело, под наслов „Мистериум“. Тоа било замислено да се изведува некаде во планина, да учествуваат стотина музичари, но да вклучува и елементи на светлина, мирис и допир. Без прекин требало да трае една недела, а по него да следи крајот на светот. Еве дел од него (без вкусовите и мирисите, и без апокалипсата)

Ваков список без дело на Џон Кејџ не го личи. Во случајов станува збор за Organ²/ASLSP (As SLow aS Possible), дело во кое поединечните ноти или акорди се менуваат многу, многу бавно. Изведбата започнала во 2011, а треба да трае до 2640. Во 2013 толпа народ се сјатила во црквата св. Бурхарди во Халберштад, Германија, за да го слушне менувањето на само една нота.

Каикосру Шапурџи Сорабџи, англиски композитор, има напишано четири и пол часовно дело за еден пијанист, Opus clavicembalisticum, за кое самиот искоментирал: „Последните 4 страници се толку катаклизмички - хармонијата нагризува како азотна киселина, а контрапунктот меле како Божја воденица“.

Можеби еден поглед на нотниот запис ќе ги разјасни работите...

Но најчесто наведуваното најсложено дело за изведба е „Аријата на Фери или валцерот на смртта“ на Џон Стамп (нотен запис најгоре), американски композитор починат 2006. Она што го разјаснил во 2010 негов внук од брат на својот блог е дека се работи за сатира, односно за дело кое не е можно да се изведе. На тоа укажуваат и композиторските упатства влучени во записот, како „пушти ги пингвините“ или „свири како цепелин“.

Дека се работи за пародија укажува и тоа дека композиторот и во приватниот живот често се зафркавал со семејството и пријателите, праќајќи им на пример картичка со сочувство од фиктивни ликови на Божик, или обидувајќи се да конструира музичка машина за куцање, за да не се мачи човек ракописно да ги бележи нотите. Единствена композиција која јавно му била изведена било хорско дело за машки хор базирано на поемата на Дилан Томас „И смртта нема да надвладее“. Бил прекумерно дебел и мизантроп, иако за оние кои го познавале истовремено брилијантен и смешен. Само за илустрација, едно од делата на овој академски образован музичар му се викало „Гудачки квартет бр. 556-б, или сообраќајна несреќа; ананасите не се вклучени“.

27 октомври 2018 - 11:44