Најкратката филмска критика на сите времиња

Дури и во далечната 1948, еден филмски критичар се заморил од повторливите филмски заплети, за кои не знаел веќе што да напише. Ама за еден филм самото му се кажало. Тој антологиски осврт сега е влезен во Гинисовата книга на рекорди, поради својата краткост.

Леонард Малтин до 2015 редовно објавуваше филмски критики, се појавуваше во Ентертејмент Тунајт, пишуваше месечни рецензии во „Плејбој“. Последната негова книга, филмски водич кој ја покрива модерната филмска ера (од 1965), се состои од 16.000 кратки осврти за исто толку филмови. Но еден ќе остане запомнет во историјата на филмската критика како најкраток на свет.

На Денот на вљубените излезе нова романтична комедија под наслов „Нели е романтично?“, за девојка од Њујорк која по напад во метро магично се буди во алтернативен универзум. Иако по содржина нема никаква врска со филмот со ист наслов од 1948 - мјузикл за три сестри и нивните љубовни авантури - ова беше повод филмските историчари да се сетат на најлапидарната, но веројатно и ласерски најпрецизна критика на сите времиња.

А таа, значи критиката за филм под наслов „Нели е романтично?“, гласела:

Не.

Таа и во прединтернетското време станала култна, а во 1980-тите некој ја предложил за Гинисовата книга на рекорди, од каде нејзиниот автор, Леонард Малтин, добил и официјална потврда дека е внесена како најкратката книжевна рецензија на сите времиња (пократка денес евентуално би била емоџи).

Запрашан денес за мотивите за својата краткост, тој вели дека кога си приморан да опишеш и оцениш шаблонски направени филмови, какви што биле голем број од 1940-тите, од типот „еден маж си ја убива жената и се обидува да се извлече“, тогаш на моменти може да се западне во очај и човек да се фати и за сламка. Во случајот тоа било реторичкото прашање содржано во самиот наслов, кое плачело за одговор.

Сепак, негов омилен осврт е на негов колега, за научно фантастичен хорор од 1966, под наслов „Морнарицата против ноќните чудовишта“. Тој гласи:

1) Погледни го насловот; 2) Види го списокот на актери; 3) Биди свесен дека заплетот вклучува морничави дрвја и 4) Немој после да речеш дека не сум те предупредил.

извор

15 февруари 2019 - 09:28