Најголемата библиотека со книги оковани во пранги

Во средниот век збирка од стотина книги претставувала голема библиотека. Рачно препишуваните томови со верска и правна содржина биле ретки, незаменливи и скапоцени. И имало само еден начин да се обезбеди дека нема да бидат украдени.

Денес има безбедносни камери, аларми, гаранција со лични податоци и документи. Во средниот век во катедралата Херфорд во Британија, во отсуство на вакви „геџети“, за заштита на книгите од кражба биле користени малку најобични железни синџири.

Ваквиот начин на обезбедување постоел и во други европски библиотеки, од средниот до 18 век. Сепак, онаа на британската Херфордска катедрала од 17 век е најголемата која е сочувана до денес, со сите оригинални синџири, јажиња и брави.

Принципот е примитивен, но ефикасен: синџирот е закачен за крајче од предната корица на секоја книга, другиот крај е поврзан со јаже кое врви под полицата. Системот овозможува книгата да се земе и да се чита на блиската маса, но не и целосно да се отстрани. Книгите се свртени не со „грбовите“ туку со обратната страна, што овозможува тие да се земат без да се вртат и така евентуално да се заплетка синџирот. Во Херфорд на овој начин се чуваат 1500 томови кои датираат од 1611-1841 година.

Кога тие поради некоја причина требало сепак да се извадат, заради прередување или чистење, тоа било ноќна мора за библиотекарите, затоа што вадењето на една книга од редот подразбирало вадење и на сите останати врзани на истото јаже, па пак од почеток.

Реплики на ваквите библиотеки се постојана инспирација за поп-културата: Цитаделата во „Игра на тронови“, библиотеката во Камар-таџ во „Доктор Стрејнџ“. „Книгите биле ретки во минатото, а исто така и чесноста“, вели еден од нивните проучувачи. Но заборава дека тоа што морало вака да бидат чувани значело и тоа дека некој ги цени.

11 јули 2018 - 08:10