Моќта на „сè уште не“: зошто страстите не се откриваат, туку треба да се развиваат

Советот на разни „тренери за живот“, коељовски настроени автори и мотивирачки твитови е - откриј ја својата животна пасија, и следи ја. Или пасивно чекај самата да ти се открие. Многумина во таквото чекање го минуваат животот.

Психолозите од Стенфорд, Керол Двек и Грегори Валтон, велат поинаку - идејата дека нашите таленти треба да бидат „откриени“, исто како и митот за совршената љубов, е токму тоа, самозалажување и илузија. Таа создава погрешна претстава за тоа како се создаваат нашите интереси, и ја потценува можноста тие да еволуираат, доколку им се даде шанса.

Со други зборови, кога луѓето мислат за интересите или талентите како за „фиксирани квалитети кои се инхерентно вградени во нас“, тогаш тие полесно може да се откажат кога нештата ќе се комплицираат, верувајќи дека „не им било пишано“ да успеат во таа конкретна работа. Во статијата „Имплицитни теории на интересот: откривање на вашата страст или нејзино развивање?“ од новиот број на стручното списание „Психолошка наука“ (пдф тука) Двек и Валтон прават споредба помеѓу ваквата фиксирана теорија со теоријата на растот на интересот. Второво е поврзано со претходни истражувања на Двек за нешто што таа го нарекува growth mindset, или светоглед базиран на раст. Во нејзиниот бестселер од 2007 на оваа тема, како и во долното ТЕД видео, таа зборува за „моќта на сè уште не“ - израз кој е инспириран од начин на оценување во средно училиште во Чикаго во кое на учениците им била давана ваква оценка наместо единица по некој предмет, со надеж дека тоа ќе ги охбрабри да продолжат да се трудат а не да ги „пресече“ и демотивира.

Идејата за „се уште не“ е идеја на работење на себеси и на проблемите со кои се соочуваме. Хибернираноста во „тиранијата на сега“ нè прави да се фиксираме на нашата моментална неспособност да се соочиме со некоја задача, на која некои реагираат со обиди за мамење или со бегање од проблемот.

И ова не е само на ниво на метафора, туку се видливи во снимки на мозочна активност - во едниот „мајндсет“ мозокот е активен, врти и работи како машина, се обидува по принципот на проба и грешка. Во вториот сè е замрзнато, ништо не мрда. Ова според Двек не е само индивидуален проблем, туку на цели генерации млади луѓе на кои им е поребна постојана потврда (дека се убави, паметни, успешни) и кои соочени со спротивното се повлекуваат и бираат да не прават ништо за да не згрешат.

Пофалбата на обидите и на напорот, а не на интелигенцијата или талентот, е она што на децата може да им помогне да развијат отпорност и одлучност да го продолжат процесот, со мисла за долгорочна цел а не на инстантна награда. Ако веруваме дека нема една совршена нарација за нас како личности, која е еднаш засекогаш одредена како наша „судбина“, тогаш може полежерно да пробуваме со разни опции, посветувајќи се и развивајќи некои од нив, кои така ќе станат „наши“, иако претходно можеби не биле. Маратон наместо спринт, смирена работа на себе, наместо грозничава потрага по нас, надвор од нас.

28 јуни 2018 - 15:34