Настан со епски размери

Маратонско читање на сите 18.225 стихови од „Илијадата“ со 66 актери

Хомеровите епови често се нарекуваат темели на западната книжевност. Но ретко кој самиот седнал да ги прочита илјадниците стихови без да му здосади.

И не е чудно, бидејќи епот подразбира(л) изведба во живо, со публика, трилер-акција во време пред да биде измислен филмот. Еден британски професор по старогрчки решил да организира токму ваква изведба на Илијадата, масовно по цел Лондон.

На 14 август оваа година, во тек на повеќе од 12 часа (од девет наутро до после полноќ), во просториите на Британскиот музеј и театарот Алмеида, 66 актери менувајќи се на подиумот ја прочитаа целата Илијада. Ги следеше публика од 50,000 луѓе, присутни и на спомнатите локации и онлајн.

Учесниците вклучуваат значајни имиња од британскиот театар, меѓу кои и Брајан Кокс, кој освен што е познат по неговите улоги во Шекспировите драми, го играше и Агамемнон во „Троја". Организаторот е Сајмон Голдхил, професор по старогрчка книжевност и култура на Кингс колеџ во Кембриџ. Според него Илијадата ги третира најважните теми во литературата, од желбата за моќ до неверството, и го поставува клучното прашање (рамно на „што е смислата на животот?“) - за што вреди да се умре?

Сега на сајтот на театарот Алмеида се достапни сите 68 делови од читањата. Во видеото подолу извадоци од него, и стоечките овации кога после полноќ настанот завршува со последните стихови. Навистина, настан од епски размери. 

20 октомври 2015 - 08:30