Mанијата за летно лизгање на мраз

Мразот за богатите Европејци од 19 век претставувал знак на престиж - да се има дома за разладување, но и да се лизга на него во текот на целата година. Со глобалното затоплување, и покрај сета расположива технологија, ова може да стане и луксуз на иднината. 

Кога во мај 1876 во Франција се отворило првото затворено лизгалиште, настанал хаос. Богатите Парижани нагрнале, љубопитни да видат како е можно мраз да остане замрзнат толку близу до летото.

За само неколку минути местото било полно „до загушување“, а илјадници дами и господа пеш и во запреги продолжиле да пристигнуваат. Сето ова го дознаваме од француски новинар кој напишал репортажа за Њујорк Тајмс за настанот.

Сцената којашто ја опишува личи на битка, за тоа кој побрзо ќе стигне до мразот. Луѓето ја прескокнувале оградата и влегувале низ прозорците, а имало и случаи госпоѓи да паѓаат во несвест и да се кршат раце и нозе.

Отворањето на париското лигалиште претставувало кулминација на половина век експерименти со различни стратегии на замрзнување, од синтетички „мраз“ кој всушност бил направен од животинска маст, до вистински мраз кој бил ладен преку сложен систем, и сето тоа во име на опскурен сон: да може да се лизга преку целата година.

Но историјата на „лизгачката манија“ е многу подолга. Во декември 1841 британскиот изумител Хенри Кирк објавил дека го создал првиот синтетички лизгачки ринг, со што всушност и почнал натпреварот во „вооружување“ со мраз. Неговиот производ всушност само создавал чувство на замрзнатост, преку необична мешавина на материјали како соли, бакар, алуминиум и свинска маст, со тоа што последново служело за поголема лизгавост. Првото лизгалиште било отворено зимата следната година, но бидејќи не доживеало некој голем успех, неговиот изумител се одлучил за многу поризичен потег - да го отвори повторно, но среде лето.

На 8 јуни 1844 на Бејкер Стрит во Лондон Кирк го отворил „Глациариум“. Овој пат медиумите биле на негова страна, и лизгалиштетот станало хит. Но по некоја година истите тие пишуваат дека и покрај необичноста на градбата, лизгањето во овој објект сепак не било „тоа-тоа“, односно не ги запазувало физичките својства на вистинскиот мраз кога ќе се допрел до лизгалката. Плус непријатниот мирис од маста кој се ширел по лизгалиштето. Оние кои се обиделе да го заживеат „Глациариумот“ при крајот на 19 век се обиделе да го одвлечат вниманието од овие маани со вметнување интересна сценографија - мурали со глечери и снежни врвови кои требало да ги симулираат Алпите. Извесен ветеринар кој го презел објектот дури се обидел и со вистински мраз, создавајќи систем од цевки кои содржеле амонијак, а кој се одржал и долго време потоа, и инспирирал лизгалишта од Австралија до Париз. Истовремено на овој начин било овозможено играњето хокеј преку целата година.

10 август 2019 - 10:28