Љубовната врска на Балзак со анонимна критичарка

Во март 1832, Оноре де Балзак добил писмо на својата париска адреса. Жигот бил од Одеса во Украина, но немало информации за испраќачот. Содржината била остра критика на тогаш нов роман на овој автор, од страна на жена во која Балзак наскоро ќе се заљуби.

Тоа веројатно било најважното писмо кое Балзак некогаш го добил. Притоа, не само што не содржело име на испраќачот и повратна адреса, туку и предолго патувало. Неговиот автор, очигледно критички настроен кон тогаш новиот роман „Шагринска кожа“, се згрозувал над неговиот „цинизам и атеизам“ и третманот на жените кои наводно биле портретирани како чудовишта.

Писмото било потпишано со „Tуѓинката“ (L’Étrangère). Импресиониран и мотивиран, Балзак платил оглас во весникот Газет д Франс, надевајќи се дека на тој начин ќе допре до анонимната критичарка. Изданието од 4 април 1832 ја содржело следнава порака:

Господин де Б. доби писмо кое му е испратено на 28 февруари. Тој жали што нема начин да одговори, и иако не го посакува ваквиот начин на комуникација, се надева дека ова ќе го објасни неговото молчење.

Не е јасно дали авторката на писмото некогаш ја видела оваа порака, но таа испратила следно писмо во кое го открила својот идентите - Евелина Ханска, полска грофица мажена за многу постар човек. Потекнувала од семејство на љубители на литературата; нејзината сестра Каролина му била љубовница на Пушкин. И иако била обожавател на делата на Балзак (или токму заради тоа), решила да се побуни поради начинот на кој биле портретирани жените во „Шагринска кожа“.

По ова почнала интензивна коресподенција и тоа преку приватен курир кој го ангажирала мадам Ханска. Балзак бил хипнотизиран и почнал да фантазира за непознатата принцеза. „Галопирам низ просторот и летам до таа непозната земја во која живееш ти - туѓинке - единствената претставничка на твојата раса“, и напишал тој. Таа не му останувала должна. „Твојата душа содржи векови; нејзините филозофски концепти се плод на долги проучувања зреени низ времето, па сепак ми кажуваат дека сè уште си млад“.

Писмата значи преминале во љубовни, и некако логично било тие и да се сретнат. Кога во септември следната година Ханска дошла во Франција со мажот, не можела да се воздржи. Организирале средба во Безансон со Балзак, на променада долж езерото. Ниту еден од нив не останал разочаран. Балзак подоцна напишал дека бил „роден тој септември 1833“ и дека сите други страсти биле немерливи со онаа што ја почувствувал во тој миг.

Врската продолжила на далечина до моментот кога мажот на Ханска умрел, во 1841. Па дури и тогаш работите не биле едноставни. Балзак и таа се венчале на 14 март 1850. Но за жал нивната среќа била краткотрајна - Балзак умрел во август истата година. Нивните писма се сметаат за едни од најубавите во историјата на книжевноста.

15 март 2019 - 09:05