„Културна историја на анусот“ во најтесен избор за чуден наслов на годината

Лани наградата ја зема „Непознатите имаат најубави бонбони: како зборувањето со туѓинци доведува до луди авантури". Во 2014 пишувавме за тогашниот победник, „Како да какаш на романтична средба". Оваа година конкуренцијата е повторно голема, но еден наслов веднаш ни прирасна за срце.

„Шупакот е како мислење, секој го има", вели мудрата изрека. Но некој од своите мислења за анусите знае да направи цела книга. Џонатан Ален е професор од Канада, кој во книгата „Читање одзади: културна анализа на анусот"се обидува преку овој отвор на човечкото тело да ја разбере културата, јазикот, општествените стравови, хуморот, политиката, и на крајот но не помалку битно, смислата на животот.

Со оглед на тоа што за разлика од гениталиите задникот нема пол, тој претставува универзален симбол нашироко користен во психологијата, книжевната теорија и филмот. Почнувајќи со повеќе или помалку очигледното - Фројд и неговото дело од 1908, „Карактерот и аналниот еротицизам" - за преку филмови како Планината Броубек, аналното задоволство и насилство, референците на шупакот во пцостите и урбаниот сленг, да стигне до нешто што на прв поглед делува многу далечно, како врската помеѓу задниците и канадскиот колонијализам.

Во најтесниот избор за чудни наслови влегоа уште шест, а меѓу нив „Советски автобуски станици" - фотомонографија за нешто што издавачот го нарекува „неочекувани богатства на модерната уметност" и „Виткање хартија со деца", чиј наслов  звучи како децата да треба да бидат свиткани сосе хартијата. Речиси истоветно интересна како и тој со анусите изгледа и „Трансвестити вампирски калуѓерки од вселената" како и „Премногу гола за нацистите", која е всушност биографија на музичка трупа.

Наградата, која оваа година се доделува по 38 пат, е основана од групата Дијаграм, како начин да се избегне досадата на традиционалниот Франкфуртски саем на книгата. Таа не е доделена само два пати, во 1987 и 1991, заради недостаток на чудни наслови. За вашиот фаворит за оваа година можете да гласате тука

(За значењето на корицата на книгата консултирајте го Вонегат. Не бидете *) 

26 февруари 2016 - 15:47