Кратка историја на пасошот

Доаѓа лето и почнува да ни текнува на пасошите - истечени ли ни се, ни треба ли виза за таму каде што ќе одиме, што ли ќе пишува на нив ако се смени името на државата? Овој документ - македонски, бугарски, од која и да е ЕУ земја, американски - има големо практично, но и симболичко значење. Особено за оној кој не може да го има.

Пасошите не се измислени за да ни овозможат слободно да патуваме, туку за да нè задржат таму каде што сме - и да не’ држат под контрола. Тие претставуваат граници кои државите ги исцртуваат околу себе, но и околу луѓето.

Oвој документ долго време низ историјата бил знак на припадност на национална држава. За оние среќните и начин од неа да се отпатува, вели Атоса Араксиа Абрахамијан, во Њујорк ривју оф букс. Блиску сме до мигот кога линиите на ограничување ќе бидат исцртувани и околу нашите тела, со оглед на брзината со која печатените документи биваат заменети со детални методи на скенирање, кои можат да нè идентификуваат според зениците, обликот на лицето, па и по мапите на нашите вени и артерии. Наскоро веќе нема да бидеме она што го пишува во нашите документи; наместо тоа, наши документи ќе станеме ние самите.

На запад е лесно да се заборави на парадоксот на пасошот, затоа што документите на северноамериканските и на европските земји им овозможуваат на граѓаните безвезно влегување, додуша привремен, во практично која и да е земја на светот. Граѓанинот на Германија без виза може да посети 177 земји, американскиот 173, а авганистанскиот само 24.

На оние кои уживаат во релативно висока мобилност, спротивната ситуација - без пасош да не можеш да излезеш од земјата - им паѓа на памет само кога ќе го заборават или ќе го загубат пасошот. Оваа ситуација е често обработувана во филмови: кулминацијата на заплетот во „Сексот и градот 2“ се случува откако Кери Бредшо ќе го остави својот пасош во продавница за чевли во Абу Даби, и откако ќе скандализира толпа гневни Арапи бива спасена од страна на емиратски домаќински кои под традиционалните наметки носат висока мода.

Но влогот на Бредшо е трогателно тривијален: ќе мора да го одложи летот, можеби ќе лета со пониска класа или да помине уште еден ден облечена во конзервативна облека. Но ситуацијата во која се наоѓа остатокот на светот е многу пострашна. Цели етнички групи немаат документи, или ако ги имаат не се соодветни. Тоа ги тера да поаѓаат на крајно опасни патешествија преку копно и море, на кои ги чека можно апсење, а често и смрт.

Воведувањето и стандардизацијата на патните документи на меѓународно ниво е резултат на геополитика и технологија. Додека не се откриени начините за брзо движење по копно и море било полесно луѓето да се задржат среде ѕидови, ровови, во огради, на сила. Но како што се развивал сообраќајот, а земјите и царствата станувале се поповрзани со трговија и војни, контролата на протокот на луѓето станувала поригорозна. Тешко е да се знае кој бил точно првиот носител на пасош и кога и каде му е издаден овој документ, но Џон Торпи, авторот на книгата „Откритието на пасошот: надзор, граѓанство и држава“ (2000), тврди дека првите контроли на личните документи биле внатрешни - во границите на некоја држава, провинција или империја. Во Европа и Русија кметовите во феудално време биле врзани за имотите на своите господари: во Прусија во 16 век била издадена полициска нареба со кои на „скитниците“ им се забранувало да добијат „пропусници“ со кои би можеле да се селат во други градови. Можноста за движење и тогаш, како и сега, била поврзана со општествено-економскиот статус.

Државната институционализација на пасошите јакне отприлика во време на Француската револуција. Торпи забележува дека револуционерите жестоко се противеле на одлуката на Луј 16-ти со која на неговите поданици им се забранувало да ја напуштат Франција без соодветни документи. По револуцијата тие спореле околу тоа дали на слободните луѓе воопшто им се потребни пасоши. Победиле оние кои биле за документите. Во текот на следниот век, се формирале и се рушеле царства, се воделе војни, а регрутацијата ги присилувала младите мажи да се пријават за војна и така да остават трага на хартија. Стражите на почетокот ги контролирале границите и премините првенствено за во периоди на конфликт да им оневозможат влез на шпиони и странски непријатели.

Имиграционите политики како оној американскиот Закон за имиграција од 1924 ја дефинирале миграцијата врз основа на земја на потекло. Воочи Првата светска војна наднационалните бирократски структури како Лигата на народите (подоцна ОН) го стандардизирале меѓународниот режим на патните документи, визи и дозволи. Употребата на овие документи се развивала паралелно со подемот на националната држава и воспоставувањето на физички копнени граници и гранични контроли кои денес ги сметаме за природни.

Но во овие нови мапи не се вклопуваат баш сите. Оние без државјанство, без „папири“, како бегалците и оние во егзил остануваат на ветрометина. Владимир Набоков морал да го подмити „вистинскиот стаорец“ во некоја канцеларија за да добие излезна виза од Русија за себе и жена си. Откако му е одземено руското државјанство патувал со бегалски пасош кој му го издале Обединетите нации. Набоков го мразел и подоцна во своите мемоари го опишал како „исклучително инфериорен документ, со нездрава зеленкаста боја“. Голем број други сепак ја немале таа среќа, воопшто да добијат пасош.

30 мај 2018 - 08:52