Мудроста на Карл Саган

Космичката прашинка што е наш дом

Вчерашното успешно лансирање и делумно успешно заземјување на Фалкон Хеви на Маск, кој постави рекорд за најтешка лансирана ракета во историјата, направи барем за момент да ги погледнеме работите од поинаков агол - од далеку, од каде изгледаат микроскопски ситни. А се сè она што го имаме.

Во сега далечната 1990, Војаџер 1 го направи првиот „портрет“ на сончевиот систем, на кој нашата скапоцена Земја е со величина од 0.12 пиксели, што подразбира навистина добро око за воопшто да се забележи. Наречена „Бледата сина точка“ оваа фотографија го инспирираше насловот на книгата на Карл Саган од 1994, „Бледата сина точка: визија за човечката иднина во вселената“, која сега многумина ја цитираат и спомнуваат во контекст на новите освојувања на вселената.

Четврт век подоцна, таа се уште креативно инспирира, меѓу другото и режисери кои прават анимации синхронизирани со нарацијата на Саган на еден од антологиските извадоци од неговата книга.

Најновото вакво видео е на студенти од Ринглинг колеџот за уметност и дизајн од Флорида. И помага, иако не ни е баш јасно како - дали со тоа што сфаќаме дека сè на оваа точка, токму затоа што е апсурдно мало и безначајно во космички рамки е скапоцено во микро размер. Или затоа што нè просветлува дека ништо не е баш толку важно за да се секираме.

Текстот од видеото тука

8 февруари 2018 - 10:18