Конечно славен - дали е ова првата филмска ѕвезда на сите времиња?

Бил инспирација на Чарли Чаплин и ги пишувал сценаријата на сопствените филмови. Зошто толку долго светот требаше да чека за да го запознае Макс Линдер?

Имало времиња кога на филмовите не им бил потребен дијалог, бидејќи во нив имало eкспресивни ликови. Многу познати ликови, на луѓе чии имиња денес речиси никој не ги знае. Според нови истражувања, нај-нај првото такво лице му припаѓало на француски комичар, кој умрел млад во ужасни околности, а потоа со децении бил заборавен. Макс Линдер бил згоден актер од раното доба на немиот филм, кој не само што глумел, туку пишувал и сценарија, режирал и продуцирал.

Ендрју Шаил, професор по филм на Универзитетот Њукасл, открил нешто што изгледа дека е прв филмски маркетинг: постер за филм во кој глумел Линдер, под наслов „Малиот млад маж“ (Le Petit Jeune Homme), премиерно прикажан во Европа во септември 1909. Иако Линдер бил познат како лик под име „Макс“ од 1907, овој постер го користи неговото целосно име, и оттаму е најраниот преживеан европски доказ за реклама на филмски изведувач. Постерот бил пронајден во личната колекција на ќерката на Линдер, Мод, но на Шеил му била потребна речиси цела година за точно да го датира излегувањето на филмот. Пo овој постер, името и сликата на Линдер биле постојано користени за продажба на неговите филмови. Ова според истражувачот од него прави прва филмска ѕвезда на сите времиња. Начинот на рекламирање на оваа француска продукциска куќа повлијаела на идниот маркетинг на филмските производи, чии последици се очигледни и денес, преку постерите и билбордите низ светот.

Претходно титулата „прва филмска ѕвезда“ ѝ била доделена на американската актерка Флоренс Лоренс, на публиката позната под името Витаграф грл до моментот кога почнала да се рекламира под своето вистинско име, во 1910, значи три години по Макс Линдер. И тоа го направила на необичен начин - нејзиниот менаџер и продуцент раширил лажни вести за нејзината смрт во сообраќајка пред самиот да ги негира, објавувајќи соопштенија дека таа е жива и здрава и дека ќе почне да се појавува во филмови во негова продукција.

Линдер бил роден како Габриел-Максимилиен Ловил во 1883 во Жиронд, Франција. Иако неговите родители очекувале дека тој ќе го преземе семејниот бизнис со вино, тој се одлучил за сцената. Почнал да работи како актер во 1901, пред во 1905 да го смени името во Макс Линдер. Имал „влажни“ очи и убав лик кој му овозможувале често да игра несреќен љубовник во романтични комедии.

Најголем удел во неговото претворање во филмска ѕвезда имала продуцентската куќа „Браќата Пате’“. Откако постигнал успех во Европа, се префрлил во Холивуд, каде извршил огромно влијание на Чарли Чаплин (заедно на фотографијата горе), кој дебитирал на филм во 1914. Тој еднаш му испратил фотографија на својот колега адресирана со „На Макс, професорот, од неговиот ученик Чарли Чаплин“. Тие двајца никогаш не се појавиле заедно на филм но често се дружеле и разменувале идеи. Кога Линдер умрел, Чаплин го затворил студиото на неколку денови во знак на жалост.

Смртта на пријателот особено го погодила затоа што се работело за самоубиство - во 1925 Линдер и неговата млада сопруга биле најдени со пресечени вени и предозирани од барбитурати. Од тогаш неговите дела се ретко прикажувани, до моментот кога Мод, неговата ќерка, направила омаж од три негови филмови кои биле прикажани во 1963 на Венецискиот фестивал.

22 ноември 2019 - 12:29