Колку навистина се читаат политичките мемоари?

Вчера, 12.09, од печат излезе новата книга на Хилари Клинтон, „Што се случи“, која се однесува на последните претседателски избори во САД. Дали таа ќе влезе во пантеонот на големите политички мемоари или ќе биде уште една пост-политичка крава за молзење уште по некој долар, тоа е рано да се процени. Но она што е поинтересно е колку реално луѓето се интересираат за вакви изданија.

Книгите напишани во периодот околку претседателските избори (во случајов американските) се обично мешавина на политичка платфoрма со серија медиокритетно напишани псевдо-биографски приказни. Тие имаат долги наслови и се обидуваат политичарот (кој е наводно истовремено и нивен автор) да го прикажат како симпатичен книжевен лик.

Коментатор на сајтот FiveTihrtyEight одлучил да истражи колку навистина овие книги се читаат, особено земајќи предвид колку се рекламирани и дискутирани во медиумите. Всушност, податоците до кои дошол не се за читање, туку за слушање на политичките мемоари во вид на аудио книги, а се однесуваат на изданија потпишани од претседателски кандидати од 2000-та наваму. Извор е сајтот Audiobooks.com, кој за секоја книга со повеќе од 10 симнувања обезбедил податок за процентот на „ислушаност“ на книгата од страна на оние кои ја даунлодирале (нешто како до која страница стигнале доколку би ја читале).

Секако, не сите книги на претседателски кандидати имаат своја аудио верзија. И, секако, тоа дека некој не чита нешто до крај не мора да се однесува на жанрот туку на генерална навика (како што и голем број читатели на овој текст веќе се имаат откажано до овој пасус).

Според горниве резултати, во процентуална смисла најдобро стои Џон МејкКејн, чија книга била дослушувана во 74.7% од случаите. Но доколку се земе предвид само крајно десната колона, колку вкупно часови луѓето минале слушајќи некоја книга, претходниот мемоар на Хилари од 2014, како и оној на Тед Круз од 2015, држат добри 7-8 часа. Најдобро (и изненадувачки) во оваа категорија стои Џорџ Буш, со цели 12 часа.

Кои книги се едвај почнати? Втора на ваквиот список е „Повторно голема: како да ја поправиме нашата снеможена Америка“ од претседателот Трамп. А на прво место по не(до)слушаност е скратена верзија на мемоар на Хилари Клинтон од 1996, „Потребно е цело село“, која подоцна е претворена во сликовница.

Вистинската статистика кај нас во отсуство на статистички релевантен број мемоари на претседателски кандидати, и при немање навика на слушање аудио книги, е кој колку издржува да ги слуша нивните телевизиски настапи и говори. Некако однапред ни иде дека Киро би победил во секоја можна опција.

13 септември 2017 - 09:58