Koфа гомна по глава на жител

Koга викендов дознавме дека Анте Томиќ среде лежерно пиење кафе на сплитската рива бил полиен со гомна од непознат сторител, до тука ни засмрде. Затоа што такви анонимни шупаци кои одвојуваат од уста за да наполнат една кофа, и на ваков начин да стапат во дијалог со послабиот, има насекаде.

Анте Томиќ, хрватски писател, автор на романите „Ништо не смее да не изненади" според кој е снимен филмот „Караула" и „Што е маж без мустаќи", без очигледен повод беше нападнат на начин на кој обично тоа се прави, со симболичко мавање со чевли, јајца или кисело млеко, кога се напаѓаат бизнис моќници и политичари. Тоа што во неговиот случај се работи за гомна не ја менува многу работата. Но тоа што во своја одбрана Томиќ го имал само својот шешир а не кордон специјалци, вели Дежуловиќ, од анонимниот напаѓач прави не херој, туку - шупак. Еве го целиот текст од Јутарњи.

Веднаш на почетокот да ги отстраниме можните недоразбирања:кофа гомна според мене е легитимна алатка на демократскиот дијалог, само нешто поотворена и порадикална, ако сакате дури и поискрена од, на пример, канта Поликолор, расипано јајце или скапан патлиџан.

Таквата размена на мислење, впрочем, е прилично широко прифатена во таканаречените демократски култури, каде веќе вообичаено се користи во дијалог со посилниот, со оној на кого такво нешто не може да му се каже в лице, затоа што лицето е заштитено со закон. Накратко, против далечните, апстрактни аватари од круговите на политичката елита и општествената моќ - и тоа онаа многу физичката - на која расипаното јајце в лице или кантата гомна на глава им е единствен директен контакт со она што се нарекува демократска база.

И тоа е единствен проблем со онаа кофа гомна којашто анонимниот коментатор оваа недела му ја истури врз глава на сплитскиот писател Анте Томиќ. Можеби ситен, но единствен.

За фрлање на расипани јајца на посилен - на премиер, на претседател, на министер, генерал или надбискуп - според едноставна самоподразбирачка логика треба, имено, да се има јајца: овие се господа, кои освен со институтите на политичкиот имунитет се заштитени и со кордони униформирани телохранители и делобранители во цивил. За фрлање пак на кофа гомна на послаб - според истата самоподразбирачка логика - треба да се биде само шупак.

Анонимно мнозинство

Анте Томиќ - како и секој кој во градот Сплит размислува со своја глава - секој шупак има потреба и право да го провоцира и гласно да го навредува на улица, удобно заштитен од топлата, од мнозинската медиокритетна анонимност, без оглед дали тоа мнозинство мисли исто како и шупакот, или само му се трга од патот. Од таквото анонимно мнозинство - кое не размислува со своја глава, па ни срањата како што гледаме не му паѓаат на сопствениот ум туку на туѓ - секој потпишан со име и презиме е послаб. Затоа што со своето име и презиме е одвоен од стадото, сам против сите.

Анте Томиќ, на крајот на краиштата, е само писател и новинар. Кога тој пие кафе на Пјаца, нема кордон од интервентна полиција, нема ни почесен ветерански штит, ни телевизиски камери, ни агенти во цивил со она чудна шпагета што предавнички ѕирка од уво, ни набилдани, избричени типови во тесни црни маици: сето она што Анте го има за одбрана од гомната е неговиот шешир.

Сплит нема да се измие

Значи на шупакот нема да му се случи ама баш ништо, и тој тоа го знае. Освен што ќе биде славен како херој на шупачкото мнозинство, макар и анонимен, затоа што е преголем шупак за со тоа да се пофали барем на Фејс. О да, би му одговорил тој на Анте и поинаку, би му кажал сè што го мачи, би напишал тој и некој текст за весник, колумна, есеј, цел роман би напишал, само кога би знаел каде да стави мала а каде голема буква, и каде се ставаат запирки и извичници, мамицата мамина кој ги измисли.

Затоа шупакот,кога не се согласува со Анте, го прави она што единствено го знае - сере.

Затоа кофата гомна, кога од длабочината на душата ќе ја исцеди некој шупак, некој значи кој за таа кофа морал да си одвои од уста - не е веќе легитимна алатка на демократскиот дијалог, нешто малку поотворен и порадикален инструмент од, на пример, канта Поликолор, расипано јајце или скапан патлиџан. Фрлено на оној одвоен од стадото, на слабиот и незаштитениот, тоа гомно се поставува само малку поотворено и порадикално од, да речеме, каменот, ножот или куршумот.

Затоа и Анте прилично брзо и лесно се изми од тоа гомно, а Сплит не, и нема. На неговите жители - оние кои и гомната од шеширот на Томиќ ќе ги проголтаат, како и сите до сега - секоја утеха им е слаба: и таа дека гомна паѓаат врз Анте Томиќ, и онаа дека не паѓаат врз нив.

Според едноставна самоподразбирачка логика, имено, кофа гомна по глава на Анте Томиќ прецизно се смета како кофа гомна по глава на жител на Сплит.

автор: Борис Дежуловиќ

25 февруари 2014 - 13:16