Рани ќерка...

Камила Клиз: „Татко ми не ми е омилениот Пајтоновец“

Комичното шоу под наслов „Продуцирано од Џон Клиз“ всушност воопшто не е продуцирано од него. Ќерката на славниот монтипајтоновец прави претстава за нејзиниот однос со татко ѝ, ги исмева неговите бројни бракови, и вели дека е очигледно од кого го наследила остриот јазик.

Во интервју за Гардијан пред нејзиниот настап во Единбург со шоу кое таа го нарекува „ултимативен, бесрамен непотизам“, Камила Клиз вели дека размислувала да настапи под различно име, па дури и воопшто да не се занимава со комедија, заради очекуваните коментари дека сето тоа е поради татко ѝ. Но иако во Британија ваквата поврзаност е супер за публицитет, во САД тоа не значи ништо посебно, ако генерално не те бива.

Камила е втора ќерка на Клиз од неговиот втор брак, со американската актерка Барбара Трентам. Како мала се преселила во САД, но вели дека се уште останало нешто британско во неа - премногу се извинува, и има малку побритански хумор. Сега има 34 години, а еден од најраните спомени од детството ѝ е кога на сетот на „Рибата наречена Ванда“ морале да ја изнесат, расплакана затоа што татко ѝ го држеле да виси на прозорец. Плус магичните трикови што ѝ ги правел Стив Мартин додека ручале заедно, седењето на скали доцна навечер кога на гости бил Шон Конери за да му го слуша гласот. Но најмногу од сите го сакала Мајкл Палин. „Тој е се уште мојот омилен Пајтоновец. Не му кажувајте на татко ми“, вели таа.

Џон Клиз пак како татко бил многу откачен. Кога Камила била немирна во јавност, тој почнувал да се однесува како горила, одел на раце и нозе, а таа толку се засрамувала што веднаш се смирувала. Според неа, на татко и му фали ген за засраменост. „Никогаш го немаше, а сега е екстремно лошо“.

Камила открила дека и таа е добра во засмевање луѓе кога се преселила во САД и морала да се прилагоди на новата средина, што често не било лесно. Така станала забавувачот во класот, но и запаѓала во неволји. Во раните 20-ти се лечела од дрога и алкохол, и краток период била бездомник. Тогаш не контактирала со татко ѝ, но сега се поблиски од кога и да е. А тој не се лути кога таа на своите настапи ги исмева неговите бракови, иако не и самите сопруги. „Само си ги остриме забите еден од друг“ е нивното мото.

Тие работат и заедно, како кога таа му помагала за неговото шоу од 2005, „Седум начини да одереш дива мачка“, а го адаптирале и сценариото за „Рибата наречена Ванда“ кое наскоро би требало да се преточи во мјузикл.

Еве како изгледа еден нејзин настап:

16 август 2018 - 09:39