Како најефикасно да раскажеш древен мит?

Станува збор за старогрчката митологија, извор на инспирација и за бројни современи уметнички дела. Но често овие приказни се комплицирани - кое божество беше за што, кој беше чие дете, кој со кого беше скаран. Еден уметник решил визуелно да поедностави неколку од најексплоатираните митови, така за да можат да бидат разбрани и запаметени.

„Овие приказни пренесуваат длабоки мудрости за човечката состојба, кои се валидни и денес. Сакав да им оддадам чест со тоа што ќе ги интерпретирам во доба на пиксели и гифови“, вели Стивен Келехер, визуелен уметник.

Тој во долното видео ги раскажува, само со помош на наједноставни форми и бои, митовите за Сизиф, Икар, Персефона и други митолошки јунаци, чии судбини ги користиме како метафори, аналогии и поучни приказни. Филмчето е одлично, иако од чисто дидактички причини можеби ќе беше подобро да немаше најава за тоа кој мит следи, туку човек да се опроба колку може да го разбере без да го знае овој податок.

Нам најмногу нè бендиса илустрацијата на приказната за Нарцис: како казна за неговото лошо однесување со нимфата Ехо, тој бил проколнат од Немезис, божицата на одмаздата. Таа го довела до еден поток каде откако си го видел одразот тој се заљубил во него, и не можел да се помрдне од место. По долго време, прегладнет и очаен, тој паднал во потокот и се удавил.

4 јули 2018 - 15:15