Како корејскиот поп стана глобален феномен?

Го викаат „Халју“ (Hallyu), или корејски бран, што го означува порастот на глобалната популарност на јужно-корејската култура од 1990-тите. Денес оваа земја станува глобален извозник на популарна култура во светот, а во тоа се вклопуваат и тековните Зимски олимписки игри во Пјонгчанг.

Една од темите кои се обработуваат на нашите студии по етнологија се и групите кои се формираат врз основа на заеднички интереси и споделуваат заеднички „фолклор“: фан клубови, неформални здруженија на луѓе кои се занимаваат со некаква вештина, групи на социјалните мрежи. Студентите притоа даваат свои примери за истите, од скејтери и металци, до групи обожаватели на пејачи и бендови. Токму од нив прв пат слушнавме дека во Македонија постои релативно голема фан-база на корејски поп, чии членови се собираат на вечери посветени на оваа музика, па дури се обидуваат и да научат корејски со приватни часови.

И не само кога е во прашање музиката - јужнокорејската поп култура извезува, па и кај нас, и филмови (К-драми), серии и корејски рецепти за храна. Сепак, и во пари, и во популарност, музичката индустрија предничи. Првите јужнокорејски музичари кои се најдоа на листата на 100-те најдобри на Билборд беа Wonder Girls во 2009, со хитот „Никој“, издаден на четири различни јазици меѓу кои и англиски. Од тогаш јужнокорејската музика прерасна во импресивна индустрија, вредна 5 милијарди долари.

Денес, кога Јужна Кореја е домаќин на Зимската олимпијада, а во услови на екстремни геополитички тензии, К-поп доби ново социополитичко значење. На церемонијата на отварањето, на 9 февруари 2018, спортистите дефилираа придружени со звуците на одбрани К-поп хитови, градејќи го имиџот кој оваа земја сака да го има пред светот, како целосно интегриран дел на глобалната култура.

Иако на оној кој не ја слуша оваа музика таа може да му звучи „тралалајски“, изведувачите се талентирани не само за пеење, туку и за танц и глума, а за да се пробијат низ локалната конкуренција минуваат години низ системите на „моделирање“ на нивниот настап така за тој да претставува синхронизирано совршенство од игра и песна. Опишани како „бесмислено заразни“, овие мелодии треба да покажат дека Јужна Кореја не само што е модерна, туку е и живописна, младешка и забавна земја.

Една од најпопуларните групи е BTS, која во 2017 стана еден од најголемите нови феномени во САД. Тие имаа две песни на листата 100 на Билброд, настап на Американските музички награди и на прославата на Нова Година на Тајмс сквер, како и ремикс на нивниот најнов сингл, Мајк дроп, од страна на Стив Аоки. Оваа група момчиња оваа недела се појави и на насловната на американскиот Билборд магазин.

И ништо од ова не е случајно. Корејскиот поп е резултат на високо координиран продукциски систем, стратешки дизајниран така за лесно да влегува во уво. Но на поширок план, се работи за комбинација на промени во глобалната политика, висока корпоративност и медиумски менаџмент, како и регрутирање на куп „сирови“ таленти кои системот ги претвора во ѕвезди.

Во 1987 Јужна Кореја ја реформираше својата демократска влада, олабавувајќи ја цензурата и овозможувајќи послободен развој на сите аспекти на културата. Претходно во земјата имало само два ТВ канала, и тие контролирале што ќе слушаат жителите на оваа земја. Под строга државна контрола било и радиото. Независна музичка продукција не постоела, а рок музиката била контроверзна и забранувана. Од жанровите музика главно биле застапени баладите, мешавина на традиционална музика со стари поп стандарди. Но по 1987, радио програмата доживеала процут, а Јужнокорејците не само што почнале да слушаат поразновидна домашна музика, туку сега можеле да слушаат и американска. Од 1992, националните ТВ мрежи имаат пенетрирано во над 99 проценти јужнокорејски домови, а најголем број гледачи имаат талент шоу програмите, кои се и начинот на кои се регрутираат потенцијалните поп ѕвезди.

Во следните години се појавуваат три важни музички студија, а заедно тие почнуваат да култивираат „идол-групи“, односно да спојуваат повеќе поединечни изведувачи во еден бенд. Од тогаш наваму бројот на групи, изведувачи и хитови е огромен. Секако, различни љубители на овој жанр би навеле различни списоци на топ 10 од нив. Но еве еден можен избор:

Потрагата по таленти почнува од деца на 10-12 годишна возраст, кои доколку бидат одбрани потоа одат во специјални училишта со посебна програма за пеење и играње. Учат и како да се однесуваат во јавност и да се подготвуваат за живот како поп ѕвезди. Кога ќе пораснат, ако се навистина добри, студијата ги ставаат во идол-групи или, што се случува поретко, ги промовираат како солисти. Индустријата е крајно експлоатирачка, а животот на овие млади луѓе воопшто не е розов. Целиот ден им е испланиран, а им се диктира и приватниот живот. Последица на таквиот живот под постојан притисок беше и неодамнешното самоубиство на Ким Јонг-хун, од групата Шајни.

Огромна улога во популарноста на одреден бенд имаат живите настапи, но и активното учество на публиката. Колку фановите се поагилни да пеат или да се облечени како нивните идоли, толку тоа е посигурен знак на успехот. Највисока форма е „скандирањето“ во склоп на песната (fan chants), пеење, рапување или некој друг начин на придружба, со која на некој начин се навива но и се станува дел од изведбата.

Иако формална цензура не постои, сепак индустријата се самоцензурира кога се во прашање контроверзни теми. Нема сексуални референци, не се спомнуваат дрога и алкохол, а дури и да има ваков случај тој бргу се отстранува од радио и ТВ. Тематски работите треба да бидат шармантни и невини, на граница на детски. Секако, има и артисти кои суптилно вградуваат почувствителни теми во текстовите, макар и помеѓу редови, без да го жртвуваат „исполираниот пакет“. А тој, таков сјаен, масовно се продава, и прави Јужна Кореја да е во центарот на светското внимание кога е во прашање ваквиот тип поп музика.

19 февруари 2018 - 16:33