Како една жирафа извршила влијание врз европската мода и уметност

Во 1820 во Франција била донесена првата жирафа, по име Зарафа. И самата не била свесна колкаво влијание ќе изврши не само врз зоолошкиот светоглед на тогашните Европејци, туку и врз нивната уметност, мода и ексцентрични фризури.

На почетокот на 19 век во Франција жените носеле фризури во форма на „кули“, луѓето по дома лепеле тапети со жирафи, најмодерните платна биле со дамки, а најпопуларната боја „жирафа жолто“. Сè било поврзано со едно животно со долг врат, откако овој африкански цицач пристигнал во Париз од Судан.

Позната е како Зарафа, и тоа благодарение на нејзината детална биографија од 1999 на авторот Мајкл Алин, „Зарафа: вистинска приказна за една жирафа од длабоката Африка до срцето на Париз“. Всушност името на овој примерок е арапски збор за „шармантна“ или „мила“. Во текот на нејзиниот живот од 1825 до 1845 била нарекувана „Убавата Африканка“ или едноставно „ла жираф“ со оглед на тоа што не постоела друга наоколу. Одземена од нејзината мајка уште како бебе, пренесувана на грб од камила, Зарафа била донесена во Франција како подарок за Шарл Десетти, тогашен крал на Франција. Во земјата ја донел курир, Мухамад Али, отомански колонијален управник на Египет, чија цел била преку овој гест да го прекине дотогашниот отпор на неговите напори да се загуши грчкото востание против Турците. 

Од моментот на нејзиното пристигнување во Марсеј во октомври 1826, каде пристигнала со брод од Александрија, Зарафа не престанувала да предизвикува сензации. Една друга жирафа стапнала на континентот 340 години претходно, кога била донесена за принц од семејството Медичи, но никогаш не и на почва на Франција.

За да биде сè во ред со жирафата и нејзиното здравје неа од Марсеј внимателно ја транспортирале до Париз - пешки. На патот од повеќе од 800 километри ја придружувале двајца судански негуватели, Хасан и Атир, неколку млечни крави и Етјен Сент-Илер, веќе стар но влијателен природонаучник. На неа ставиле специјално направен „мантил“ против дожд, а наоколу постојано имало група гледачи кои оделе паралелно со поворката. Кога процесијата пристигнала во Лион, 30.000 луѓе се појавиле да ја видат. Во Париз пак јадела латици ружи од раката на кралот за добредојде, а кога била вдомена во Ботаничката градина во првите шест месеци ја посетиле 600.000 луѓе.

Многу бргу овој настан инспирирал откачена мода, комеморативен порцелан, чешли, сапуни и ладала кои асоцирале на „жирафство“, како и „жирафски“ фризури. Уметниците се свртеле кон скулптури на животни, а сликарите се натпреварувале кој подобро ќе ја  прикаже жирафата на платно. Карикатури на Шарл Десетти, кој имал прилично долг врат, понекогаш го прикажувале како жирафа со потсмешливи натписи.

Жирафоманијата полека избледела до 1830, исто како и владењето на спомнатиот крал. Но Зарафа живеела уште петнаесет години по што била препарирана. Се уште може да се види во Природонаучниот музеј во Ла Рошел. Еуген Делакроа, славниот сликар, напишал дека бил сведок на таксидермијата во 1847, но дека животното умрело во нејасни околности, спротивно на неговото „брилијантно“ појавување во историјата на Франција.

2 декември 2017 - 11:55