Како да знаеш што ќе биде морално неисправно во иднина, за да не го правиш денес?

Се смета за добро однесување, па дури и обврска, да се покаже почит за актуелни култури и начини на живот кои се поинакви од нашите. Но што е со оние на луѓето од минатото, кои имале различни стандарди за тоа што претставува прифатливо општествено поведение? Дали е исправно, па дури и фер, да ги оценуваме нивните постапки според денешните норми, за кои тие не ни можеле да знаат дека некогаш ќе постојат?

Во последно време голем број луѓе (мажи) се обвинети за нешта што се случиле во минатото, за однесување кое не се сметало за навредливо или за табу во 1970-тите (допир на женско колено, флертување на работно место, гледање порнографија, кажување мрсни вицови). Тоа тогаш за многумина било „нормално“. Но денес веќе не е. Но додека ние сме културни релативисти во простор (имаме или би требало да имаме разбирање и почит за обичаи на племиња од субсахарска Африка или од комшиското маало каде живеат луѓе со различна култура и религија), стануваме морални апсолутисти кога станува збор за времето.

Древните Спартанци си ги оставале несаканите деца да прегладнат до смрт. Римјаните за нормална забава ја сметале онаа во која едни луѓе се убиваат со други. Со векови жените биле граѓани од втор ред во Европа. Па сепак, историчарите и антрополозите не се осудуваат морално да ги проценуваат овие постапки, само ги опишуваат и се обидуваат да ги објаснат. За разлика од нив, повеќето од нас не се снебиваат во ваквата осуда, без да го земат предвид културолошкиот и хронолошкиот контекст во кој нешто се случило, ОСОБЕНО ако не се работи за нешто од пред нашата ера, туку oд пред само неколку децении. Притоа забораваме дека истото што денес им се случува на морално осудените за работи од пред триесетина години, за исто толку време во иднината може да ни се случи и нам.

Обидот да рационализираш што е она што денес е „цивилизирано“, „нормално“, „прифатливо“, а што од тоа за кратко време може да се покаже како „примитивно“, „гадно“, „неподобно“, е не само тежок туку и морничав. Честитање некому роденден (затоа што сугерираш дека остарел)? Велење некому „благодарам“ и „добар ден“ (заради можно патронизирање и сугерирање дека нешто е добро кога не е)?. Пружање прва помош или спасување дете од давење (затоа што си го допрел оној на кого си му помогнал)? Сугерирање книга или филм (затоа што можеш неповратно да влијаеш врз нечиј светоглед?). Продуцентите на „Блек мирор“ можеби не се сетиле на ова, но тој потенцијален свет изгледа како ултимативна дистопија.

Коментатор на Спајкд, обидувајќи се да одговори на овој предизвик, проценува дека областите во кои нашиот морален однос би еволуирал во блиска иднина најверојатно би биле две: нашиот третман на децата и односот кон животните, и тоа врз основа на постоечки трендови во изминатите децении. На физичко казнување на децата денес се гледа со осуда, а луѓето во таа 2057 веројатно ќе бидат уште поригидни, па дури и училиштата како институции ќе ги сметаат за репресивни за младиот дух. Изминативе неколку децении во подем е вегетаријанството и технологиите кои работат на замена на природното со синтетичко месо, а луѓето од иднината веројатно уште повеќе ќе се гадат од самата помисла на убивање и јадење животно.

Сепак, не знаеме со сигурност што ќе се смета за одбивно и навредливо во 2057. Дури и најталентираните антрополози на иднината можат само да препостават што би можело да биде тоа, што не значи дека ние би престанале да го правиме почнувајќи од утре. Едноставно затоа што таквото однесување (од иднината) денес би било - ненормално.

11 ноември 2017 - 12:31