Општествените штетници и нивните јатаци

Како да препознаеш примитивец?

Српскиот писател Филип Давид деновиве беше актуелен затоа што ја доби НИН-овата награда за најдобар роман, за книгата „Куќа на сеќавање и заборав". Но еден текст од негова постара книга од 1997 звучи неверојатно свежо.

Меѓу првите работи што ги учи секој студент по антропологија е да не го употребува терминот „примитивно“ во навредливо значење. Таканаречените „примитивни“ племиња се такви само од гледна точка на колонијалниот, западен и арогантен ум, кој е убеден дека само она што тој го создава е цивилизирано, што значи добро и вредно. Но кога овој збор се употребува за да направи разлика помеѓу „нас“ и некои други во контекст на нашето општество, тогаш „примитивно“ и „примитивец“ почнуваат да значат нешто друго. Притоа, најопасни според Давид се таканаречените „интелектуални примитивци“, кои како што пламеницата ги гори лозјата, го уништуваат општеството.

Забелешка: Болдиран е само еден пасус, но таков слободно може да биде и целиот текст.

***

Вистинското значење на зборот примитивец е прост, необразован човек. Но кај нас најголемите примитивци, олицетворенијата на примитивизмот, ги наоѓаме токму помеѓу оние кои поседуваат некакво образование. Една од карактеристичните особини на вистинските примитивци е нивната способност долго и вешто да го кријат својот примитивизам. Во мирни времиња се вгнездуваат во некоја средина, и со своите манири на навидум софистицирани личности, со пристоен изглед и прибрано однесување, успеваат да ја залажат околината. Суштината всушност е замаскирана со неколку скапи одела и неколку научени фрази. Примитивците така се затскриени во самата срж на општеството, како ларви кои можат да останат ларви цел живот. Но ако наидат на за нив поволни околности, од тие ларви се развиваат штетници кои од внатре нагризуваат и доведуваат до пропаст сè што ќе допрат.

Примитивизмот секаде се шири како пајажина. А кога нема ветер да го раздува, сенешто се фаќа во неговата мрежа. Примитивците едни со други се препознаваат и тогаш кога се премачкани со илјада заштитни бои. Постои вистинска интернационала на примитивци и нивна меѓусебна солидарност. Се поддржуваат и се помагаат кога ќе се најдат во неволја. Примитивизмот силно се врзува за простотилакот, а простотилакот за многумина е хипнотизирачки.

Простакот верува дека светот постои само заради него. Тој нема недоумици, колебања, грижа на совеста, трауми. Светот виден низ неговите очи е поедноставен, упростен, без морални дилеми. „Или како што јас велам, или никако!". Удира со тупаница по масата, или со тупаница во око за да стави до знаење дека мора да биде по негово. Има широка насмевка со која ги покажува златните заби. Носи раскопчана кошула за да ги открие влакнестите, машки, јуначки гради.

Во мирни времиња примитивците како олицетворение на простотилакот понекогаш служат за потсмев. Нивната ненаситна глад и жед сè да прилагодат и да потчинат делува будалесто и мегаломански. А како одговор на средината која им се потсмева, создаваат своја култура, своја држава во држава. Имаат своја книжевност, своја музика, свои идоли, свои ѕвезди и кралеви. Примитивизмот е заразен. Културата на примитивците во мрачните времиња станува државна култура, нивните идоли - идоли на масите. Духот на примитивизмот се чувствува тогаш на секој чекор, владее над мислењето, втиснат е во секое делче од животот, надмоќно се издигнува како метафора над сè што постои.

Примитивецот го намирисува другиот примитивец на далечина. Примитивецот го уважува другиот примитивец. Во тој друг лик тој се гледа себеси, како во огледало. Ја гледа грубоста која му импонира, простаклукот на којшто му се восхитува, автентичната безобѕирност. Примитивецот во политиката го почитува и го уважува само принципот на сила, примитивецот во општеството му се восхитува на општото безумие, а интелектуалниот примитивец, тој contradictio in adjecto, но и тоа како постоечки во општеството на заробен ум и стеснета свест, на колективизмот и популизмот, го уништува секое мислење, секој подем на духот и во првите редови е против индивидуализмот. Примитивизмот е сеприсутен пиреј. Како р'ѓа која се фаќа насекаде, како киселина која нагризува сè.

Примитивниот човек верува дека е секогаш во право, не признава поинакво мислење, слеп е и глув за сите причини и факти. Не е во состојба да има визија за иднината, а минатото го сведува на неколку стереотипи со коишто ја објаснува вкупната историја на човештвото. Примитивизмот е толку жилав, јак доследен и упорен што се пренесува како наследна болест од генерација на генерација. И таму кадешто изгледа дека е искоренет, ненадејно искрснува, никнува од пепелта на своето уништување. „Копнежот за примитивност е болест на културата", напишал Сантајана.

Примитивизмот раѓа фанатизам, а фанатизмот на примитивците им дава нова сила, сила на варвари подготвени да рушат, да газат, да уништуваат. Шовинизмот, фашизмот, сталинизмот, ги обединуваат во себе примитивизмот и фанатизмот. Фанатиците слепо итаат кон остварувањето на својата цел. Обединети се во омразата. Масите заслепени од фанатизам, подјармени со омраза, хранети со примитивизам, се претвораат во човечки стада. Одат и кон сопственото уништување затоа што слепилото на фанатиците и глупоста на примитивците единствено можат да бидат запрени со истата таква брутална сила со која почнале да ја уништуваат сопствената цивилизација.

Тукашните примитивци ги имаат споено фанатизмот и акцијата. Во името на својата нација, идеологија и вера, кршат коски, создаваат масовни гробници, се остваруваат во насилството. Со булдожери ги мелат телата на жртвите и ги фрлаат во рударски окна. Една жртва за примитивниот ум и од него израснатата моќ и сила, не е ништо. Треба да страдаат стотици илјади, можеби милиони, за да се задоволат неумерените примитивни страсти. Кога ги посетил воените инвалиди на својата војска, овдешниот лидер ги поздравил со зборовите: "Драго ми е што ве гледам во толкав број!" А еден друг, на забелешка дека неговиот народ веќе нема ниту еден пријател во светот, одговорил: "Имаме еден – Исус Христос."

Сè што ќе допрат ваквите луѓе, го претвораат во негова спротивност. Религијата станува богохулна, родољубието компромитирачко, културата понижувачка, власта заштита на безвластието, високообразовните институции параван за глупоста, политиката – прибежиште за примитивизмот и примитивците. Идеолошкиот топуз во рацете на примитивците мава и удира по сè што ќе допре. Еднаш разбудениот и осоколен примитивизам се шири насекаде со незадржлива сила, овозможувајќи застрашувачки примери на безобѕирност, понижување на личноста и одземање на основното достоинство на животот.

Примитивизмот е потсмевање на духот и истовремено означува духовна сиромаштија. Самољубие без никакво покритие, ароганција кон немоќните, понизност кон господарите. Примитивците ја пишуваат историјата на самозалажувањето, а самозалажувањето, како што рекол поетот, е „убиствено и за луѓето и за народите."

Може да се претпостави дека со доаѓање на помирни времиња примитивците ќе се повлечат од главната сцена во позадината на случувањата, дејствувајќи од резервна клупа. Простаклукот ќе го покријат со краденото злато, ќе го обложат со скапоцени камења и со свила. Ќе го украсат со дипломите и со високите државни функции. Ќе бидат потивки, но еднакво влијателни како и претходно. Тие не се сомневаат дека иднината им припаѓа ним, како што им припаѓа и сегашноста. Насекаде ќе бараат и ќе наоѓаат сојузници. Простаклукот, фанатизмот, криминалот, бедата на духот, го вртат овој свет. Примитивизмот е нескротлив, тој е во самата срж на нашиот свет, но и во самиот извор на најголемите и на најстрашните зла.

Автор: Филип Давид 

24 јануари 2015 - 09:51