„Како да пиеш без да пиеш“ помеѓу финалистите за најчуден наслов на годината

Едно време будно ја следевме оваа награда, а потоа неколку години ни исчезна од вид. Еве ја сега пак со номинираните книги за 2019.

„Крајот на војната за рачно правеното сирење“, „Како да пиеш без да пиеш“ и „Ное се соблекува гол“ се помеѓу оние кои влегоа во најтесниот избор за годишното признание за најчуден наслов за 2019 кое го доделува сајтот Букселер.

Наградата постои веќе 41 година, а финалисти и победници најчесто, од разбирливи причини, се книги чии наслови вклучуваат делови од човечката анатомија: „Американска археологија на задникот“ (1993), „Живеејќи со луди бутови“ (2002), „Божјиот стап: животот и историјата на пенисот“ (2013) или „Културна историја на анусот“ (2016). Додуша има и многу поневини, како нашиот омилен - „Како покривачите за чајници го променија светот“.

И покрај првата асоцијација, „највалканиот“ наслов оваа година - The Dirt Hole and Its Variations („Валканата дупка и нејзините варијации“) - не се однесува на анатомија, туку на практиката на ловење со стапици, со „над 80 детални фотографии кои помагаат да се фатат повеќе лисици, којоти, рисови и ракуни“. Чести конкуренти за наградата се зборници од одржани конференции на необични теми, а оваа година тоа е „Викиншки средби, статии од 18-тиот конгрес на Викинзи“. Всушност, првата доделена награда, на Франкфуртскиот саем на книга во 1978, ја добила токму таква книга под наслов - „Зборник текстови од втората меѓународна работилница за голи глувци“.

Денес (петок, 1.11) листата оди на јавно гласање, а победникот кој традиционално не добива ништо посебно освен шише вино, ќе биде објавен на 29 ноември.

Претходно на истата тема