Kaко да научиш странски јазик пеејќи?

Го знаете она кога некоја песна ќе ти влезе во уво и ти ровари низ глава на рипит. Истиот тип на „заразност“ може да помогне да се научи нов јазик побргу отколку со традиционалните методи.

Програмата се вика Earworms MBT Language Learning и сè што бара од вас е да слушате музика и да ги потпевнувате „стиховите“. Таа е полна со ритмички повторувања зборови, што помага потсвесно да се научи цела збирка глаголи, именки, придавки. Чувството е исто како кога можете да испеете песна на друг јазик, иако можеби не го знаете точното значење на зборовите, туку ги гаѓате по звучност. Само што овој пат станува збор не за случајни конструкции, туку за корисни зборови и изрази, од нарачување во ресторан до дискутирање политички теми.

Засега се застапени јужно-американскиот шпански, германскиот, францускиот и европскиот шпански, а секој курс (од 1-3 степен) се состои од по 200 минути аудио. Како што објаснува производителот, во придружба на музика новонаучените зборови се „втиснуваат“ во ауралниот кортекс, дел од мозокот од каде се складирани лингвистички информации. За секој курс има и книга, каде е објаснето значењето на она што се слуша.

Со платформа за учење јазици, Дуолинго, која додуша не користи музика, е поврзана и една од најдобрите интернет првоаприлски зафрканции - сите корисници на оваа апликација на овој датум беа извадени од памет кога маскотата-бувче почна да им се заканува по живот или емоционално да ги уценува доколку не си ја повторат лекцијата. Наречена Дуолинго пуш, оваа варијанта траеше само еден ден, но можеби и немаше да биде лошо да потраеше. Ќе научевме свахили за една недела.

2 април 2019 - 20:57