Jапонската писателка инспирирана од дневникот на Ана Франк

Јоко Огава има долга кариера и е авторка на повеќе од 40 романи. Во Јапонија е славна, но во англиското говорно подрачје нејзиното име допрва се очекува да стане познато, по преводот на нејзината најнова книга, „Мемориска полиција“.

Кога растела како осамена тинејџерка Јоко Огава го открила „Дневникот на Ана Франк“ и толку се идентификувала со главната хероина што се обидувала и физички да ги рекреира условите во кои живеела таа - се вовлекувала под маса или во шифоњер со тетратка во рака и водела свој дневник.

Децении подоцна, Огава, инспирирана од Ана Франк, создава нов свет во „Мемориска полиција“, дистописки роман кој ќе биде нејзин петти (од 40) преведен на англиски. Тој се одвива на мистериозен остров каде авторитарните власти физички збришуваат цели категории предмети или животни, истовремено бришејќи ги и од спомените на своите граѓани.

Оние кои се спротивставуваат на оваа практика се сметаат за криминалци, и мораат да се кријат. Една писателка ѝ дава засолниште на својата уредничка - која се сеќава на сè - во просторија која многу потсетува на онаа каде Ана се криела со своето семејство.

„Мемориска полиција“ била објавена во Јапонија далечната 1994, но книгата делува многу актуелна денес, во време на засилен полициски надзор и подем на авторитарните режими. Сепак, Огава немала намера да пишува политичка алегорија, туку да развива ликови кои се принудени да опстојат во екстремни околности.

И претходни дела на Огава се занимаваа со спомените и меморијата - на пример „Професорот и чистачката“, која има доживеано и филмска верзија, а раскажува за самохрана мајка која почнува да работи како чистачка за математичар кој не може да се сети на ништо постаро од 80 минути.

27 август 2019 - 10:07