Изложба на дела создадени од крв на посетителите

„Црн хоризонт“, која се отвара утре, 9.02 во Шарлероа, Белгија, е дело на двајца Руси - Ерик Булатов и Андреј Молодкин, кои на овој начин протестираат против пропагандните машинерии од која и да е земја. 

„Партиципативна“ уметност, како што некои ја нарекуваат онаа во која е директно вклучена публиката, добива нови димензии со изложба на двајца уметници која се отвара во Белгија, а на која тие ги канат посетителите на лице место да донираат крв.

Андреј Молодкин, еден од авторите, е роден во СССР а сега живее во Париз. Неговата идеја е собраната крв да се чува во медицински фрижидери а потоа да се пумпа во цевки кои се дел од инсталацијата, користејќи индустриски компресори. Притоа со неа ќе се испишуваат стихови кои се наоѓаат на „црна листа“, односно се цензурирани, и тоа не само во Русија.

„Тоа е како крвно караоке“, вели тој. „Нашата компјутерска програма исфрла музички стихови кои се цензурирани. Потоа посетителите можат да донираат крв за да се испише која и да реченица која им се допаѓа“. Стандардна донација ќе биде 200 грама црвена течност.

Цевките на Молодкин ќе бидат изложени до осумметарска скулптура од Булатов, влијателен советски концептуален уметник. Со зборовите „Не е сè толку страшно“ на руски, таа ги охбрабрува посетителите да ја отфрлат пропагандата и цензурата.

Двајцата уметници велат дека не им е целта да критикуваат вакви практики на опресија на уметничкиот израз во одредена земја, туку генерално. Сепак, големите текстуални инсталации го евоцираат естетичкиот јазик на советската пропаганда, а нивна цел е да се преиспита современиот политички пејзаж и јазикот кој се користи за изразување на денешните предизвици.

8 февруари 2019 - 13:34