Изложба: 3000 фотографии на 76000 деца од основни училишта во Лондон

Пред една година пишувавме за намерата на режисерот Стив МекКвин да работи нов проект во кој ќе ги слика сите ученици од трето одделение кои во моментов учат во Лондон. Проектот заврши, и ова се неговите искуства.

Неодамна, Џон Клис од Монти Пајтон, кој сега има 80 години, по кој знае кој пат изјави дека Лондон веќе не е англиски, и дека е заморен од збунката што ја прави мултикултурниот британски главен град.

За таквите носталгични по „старите добри времиња“ во кои се знаело што е што, новата изложба во Тејт Британ може да биде уште поголемо вознемирување, но и начин да се соочат со реалноста на промени во нивната (и не само во нивната) земја. Следната недела во галеријата ќе биде отворена „Година 3“, поставка која содржи школски фотографии од речиси две третини од лондонските основци: повеќе од 3000 слики, со околу 76.000 деца. Тие се на седум-осумгодишна возраст од целата палета училишта кои постојат тука - државни, приватни, верски, униформирани, неуниформирани, со големи уши, испеглани шамии и со диви афро фризури.

Според коментатор на Гардијан, тешко е да се сфати како овие лица, такви, со широко отворени очи и насмеани, можат да предизвикаат морална паника. Но чувството на недоверба и поделба е силно во град во кој има речиси ист број бели Британци колку и не-бели жители. Што ќе значи ова за иднината на фотографираните деца?

За МекКвин (50), изложбата има истовремено телескопски и микроскопски ефект - ја прикажува широката слика на едно општество, но за оној кој има трпение може да раскаже и помали приказни, за одделни класови или лондонски маала. „Иднината е во овие фотографии“, вели режисерот. „Помеѓу овие деца ќе има и криминалец, и банкар и човек кој нема да доживее 21 година. Сите се тука“

Да се дојде до нив било голем проект, бидејќи долго време се поминало во барање дозволи, од секој родител или старател поединечно. Истовремено, сите „субјекти“ се повикани на изложбата, што значи голем број на водичи, па дури и подвижни кујни на паркингот на галеријата каде можат да каснат нешто по изложбата. По нејзиното завршување секое училиште ќе добие врамени фотографии од своите одделенија.

Сите тие се направени со природна светлина и се со ист формат, без оглед на големината на класот. Снимени се во сали за физичко, пред школски табли или под слики со верска содржина. Возраста на децата е одбрана затоа што според МекКвин тогаш тие почнуваат поинтензивно да се соочуваат со структурите кои ќе им го моделираат светот, и со категории како раса, класа или род. Како ќе излезат на крај со нив? Тоа е предизвик и за лондончани, и за сите деца во светот.

Изложбата ќе биде отворена од 12 ноември до 3 мај 2020. Истовремено е организирана изложба под ведро небо на билборди низ Лондон, до 18 ноември.

6 ноември 2019 - 08:16